Според растот на домашни и странски туристи Македонија во 2022 година е петта држава во светот според податоците од Светската туристичка организација. Константано се зголемува бројот на странски туристи, а со тоа и бројот на туристи и ноќевања воопшто, порачуваат од Министерството за економија (МЕ).
Велат дека туризмот во светски рамки се дели на пред Ковид и после Ковид зашто беше една од најпогодените индустриски гранки за време на пандемијата. Пред пандемијата, додаваат, секоја година земјава имаше раст на бројот на туристи, на девизениот прилив и на инвестициите во туризмот.
„За време на пандемијата како Влада ја поддржавме оваа гранка за годинава да имаме многу добри резултати. Според податоците на НБ, девизниот прилив од туризмот во 2019 година бележи пораст од околу 2,3 отсто во споредба со 2018 година. Покрај тоа во 2019 година во туризмот се вложиле 2,8 отсто од вкупните инвестиции во земјата“, истакнуваат од МЕ.
Со овие бројки, како што посочуваат, Северна Македонија се наоѓа на седмото место на листата од 184 земји во светот, а бројот на странските туристи во изминатите осум години е двојно зголемен, односно за 98 отсто.
Препорачуваат Западен Балкан да подготви заедничка стратегија за развој на туризмот, да има поголема соработка во областа на туризмот, хармонизација на законската регулатива на земјите од ЗБ и заеднички настап на туристички саеми и конференции, како и заедничка туристичка понуда.
„Туризмот во светски рамки е познат како една од најбрзо растечките индустрии и создава можности за работа во големите и малите заедници. Зголеменото економско значење на туризмот го привлече и нашето внимание и интересот за развој. Сепак, треба да се има предвид опсегот на влијанијата кои произлегуваат од него. Неконтролираниот брз раст на туризмот може да претставува значајна закана за животната средина и социјалната заедница и да резултира со сериозни еколошки и социјално-културни проблеми. Затоа треба да се најде начин да се контролираат и минимизираат негативните влијанија од туризмот и да се постигне одржлив туристички развој“, појаснуваат од МЕ.
Токму одржливиот туризам, укажуваат, денеска станува многу важен за туристичка индустрија и затоа е важно да се охрабрат повеќе луѓе да патуваат зелено и да се осигура дека туризмот е еколошки, социјално и економски одржлив.
„За да се утврди како туристичката индустрија може да се движи кон одржливост важно е да се испитаат бариерите што го попречуваат одржливиот туризам, а потоа да се развијат стратегии за намалување на бариерите“, истакнуваат од МЕ.
Одржливиот развој, посочуваат, се дефинира како заедничка долгорочна стратегија која има за цел да ги развие тековните потреби имајќи ги во предвид влијанијата врз луѓето и животната средина.
„Процесот за развој има за цел да ги обезбеди сегашните потреби без да се загрози способноста на следната генерација да ги задоволи нивните очекувања, ресурси и потреби“, велат од МЕ и најавуваат подготовка на нова национална стратегија за развој на туризмот со акцент на новата реалност во туризмот вклучувајќи поддршка за рурален развој, дигитализација во туризмот и поддршка за алтернативен и екотуризам, како и за женско претприемништво во туризмот.
Државниот завод за статистика денеска објави дека бројот на регистрирани туристи во државава во март годинава изнесувал 39.786, од кои 43,1 проценти домашни, а 56,9 отсто странски туристи. Во периодот јануари – март годинава, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 45,9 проценти.