ВИДЕО – Ковачевски: Се работи на решение за финансирање на медиумите, за кое е потребен национален консензус


Законот за уредувањето на медиумите се носи со двотретинско мнозинство во Собранието. Во 2018 година точно е дека Собранието одлучи дека треба да се укине можноста државата, односно Владата и владините институции да се рекламираат на масовни медиуми и тоа беше донесено од причина што претходната власт во 10 години правеше класично и еклатантно злоупотребување на медиумите преку директно финансирање и тоа во износи од околу 40 милиони евра на годишно ниво, рече денеска во Прилеп, премиерот Димитар Ковачевски.

„Треба да се финансираат медиумите, меѓутоа тоа не може да се злоупотребува. Ние се сеќаваме кога се држеа прес конференции само со нарачани прашања. Вие знаете дека еве бар за мене можам да зборувам дека никогаш не се случило на некој новинар или телевиска куќа да и се каже што може а што не може да ме праша. Јас 3 пати доаѓам во Прилеп и 3 пати одговарам на сите прашања кои вие ги имате да ги поставите и секое менување на законската регулатива мора да биде во насока таа да спречи било каква злоупотреба на медиумите во иднина.

Јас неформални состаноци не сум имал, сите мои состаноци се формални, тие се одвиваат во зградата на Владата и за сите нив нормално дека постојат белешки. Точно е дека имало состаноци со здруженија како на медиуми, така и на други организации од медиумската сфера. Што се однесува до локалните медиуми, ние веќе имаме 50% од надоместокот за вршење на дејност која што ја наплаќа регулаторот одобрена да не се плаќа, а и се работи на законско решение кое што ќе може да овозможи на медиумите прво постабилно финансирање, поредовно финансирање, а уште подобро извршување на своите услуги, бидејќи медиумите се од огромно значење, како националните, така и регионалните медиуми, со оглед на тоа дека регионалните медиуми имаат повеќе простор, повеќе знаење и повеќе пристап до информации кои ги засегаат граѓаните и преку тоа можат да вршат иницијативи на теми и делови од животот кои можат да се решаваат на локално ниво.

Значи се работи на решение со сите политички партии, затоа што едно такво решение за законски измени не може да произлезе само како иницијатива на Владата, туку тоа мора да произлезе како парламентарна иницијатива со оглед на тоа дека е потребно двотретинско мнозинство. А јас би кажал дека за една таква тема потребен национален консензус во Собранието, каде сите политички партии ќе го разгледаат, ќе дадат свое мислење, нормално со мислење на експертите и мислење на меѓународната заедница и да се најде решение кое ќе биде одржливо и долгорочно во однос на финансирањето на медиумите, со цел да произведуваат реална програма која ќе ги отсликува реалните процеси во државата, а не да биде злоупотребувана како што беше злоупотребувана во минатото“, истакна Ковачевски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи