Во однос на работата на Собранието, гледаме дека и покрај бојкотот и блокадите кои ги прави опозицијата и тоа не целата опозиција туку дел од неа, ВМРО ДПМНЕ, тоа функционира. Истакна денеска во Прилеп, премиерот Димитар Ковачевски.
„На последната седница се усвои дневниот ред и беа изгласани дел од точките за кои што постоеа исполнети услови. Потоа гледаме дека во Комисијата за избори и именувања веќе започна расправата за избор на уставни судии, каде што сите политички партии ги предложија своите предлози и според мислења на стручната јавност дека се работи за лица кои се предложени од страна на пратениците и за кои ќе има вредна расправа, по кое што ќе следува и избор на уставни судии. Исто така јас во повеќе наврати кажав дека во услови на најголема светска економска и енергетска криза, се уште присутна здравствена пандемија, гледаме дека во добар дел од светот веќе има повторно мерки за дистанцирање, за затворање на одредени производствени и услужни процеси како што е во Кина и дел од азискиот континент. Знаеме дека пандемијата не мирува и дека секогаш треба да бидеме подготвени.
Во такви услови секоја една политичка партија треба да биде одговорна и да даде максимум да се носат мерки и закони кои го олеснуваат секојдневниот живот и се грижат за стандардот на населението. Не постојат закони кои не влијаат на општествените процеси во позитивна смисла и тука не може да се смета Собранието за супер маркет каде некој ќе одлучува кој закон ќе помине, а кој закон нема да помине од причина што секое законско решение содржи во себе или унапредување на одредени процеси, или унапредување на одредени права на граѓаните и компаниите во државата, бидејќи не сите закони се однесуваат исклучиво на граѓаните, туку имаме и голем број законски решенија кои се однесуваат на подобри услови на деловната заедница во државата, а исто така и на голем број на одредени групи во општеството на кои треба да им се излезе во пресрет. Исто така голем број на законски решенија кои се унапредуваат согласно напредокот на развојот на општеството и согласно усогласувањето со директивите на ЕУ“, истакна премиерот Ковачевски.