Што се однесува до спомен обележјето во општина Липково, во Слупчане, тоа е во надлежност на општината. Такви спомен обележја одобруваат и градат општините, тоа е изградено од општински средства и општинските советници и градоначалникот одлучиле дека тие финансиски средства требало да ги вложат во такви спомен обележје. Истакна денеска во Прилеп ,премиерот Димитар Ковачевски.
„Во услови на криза јас сметам дека советниците во сите општини и тоа во неколку наврати го имам кажувано, дека треба да размислат добро во што се инвестираат финансиските средства со оглед на тоа дека се наоѓаме во голема светска и економска финансиска криза, пред нас претстои најтешката зима за нашите генерации и за нешто постарите генерации откако паметиме. Што се однесува до општина Прилеп, точно е дека тие обележја треба да не потсетуваат на времиња кои поминаа, таквите обележја треба да ни бидат школо и треба од нив да извлекуваме искуства, дека треба да градиме држава која нуди еднакви можности на сите граѓани.
Не треба да заборавиме дека ние сме мултикултурно, мултиетничко, мултикофесионално општество какви што ги има многу малку во Европа, со толкав процент на застапени етнички и верски заедници и кои што единствено низ живот во кохезија, низ живот на меѓусебна соработка, низ живот на градење на здрави и добри меѓуетнички, меѓуверски односи можат да изградат подобра држава за сите граѓани. После 2001 година, ние во Република Северна Македонија имаме систем во кој што прво помалите заедници се вградени во Уставот, второ ние сме држава која што единствена во Европа има Министерство кое се грижи за правата на помалите заедници, имаме законски решенија кои ги унапредуваат правата на помалите заедници.
Покрај за македонската, албанската заедница, турската заедница има свое образование и јас на таа тема сум разговарал со амбасадорот на Турција да овозможиме услови да тие го изучуваат својот мајчин јазик во општини во кои имаме значаен број на турско население. Истото се однесува и за другите помали заедници и навистина сметам дека треба да градиме односи од кои што ќе резултира европска држава, во која ќе зборуваме за воведување на нови технологии, во која што ќе зборуваме за поголема грижа за граѓаните, како што тоа впрочем го правиме и денес. Зборувам за најсовремена светска опрема, од најпознат светски производител ја имаме сега во Прилеп, нешто што го немало 50 години и тоа се темите на кои што треба да ја градиме иднината“, рече Ковачевски.