Во еко-акцијата „Генералка викенд“ собрани 185 тони отпад

Facebook
Twitter
Email
Print

Во рамки на еколошката акција „Генералка викенд 2022“, што од 6 до 8 мај се спроведуваше во 26 општини и во Градот Скопје се собрани 185 тони отпад. Во акцијата учествувале над 7.400 волонтери, што претставува седумкратно зголемување на бројот на учесници од минатата година.

„Овој собран отпад е количество што на дневно ниво го генерираат Битола и Тетово. Денеска сите камиони со смет од Тетово и Битала да не завршат на прописно место, туку во природата – тоа е количеството на отпад што го собравме во оваа акција. Има најмалку уште толку отпад низ природата и затоа апелирам да се однесуваме совесно и селектирањето на отпадот да го сфатиме како најдобро решение за справување со ваквото загадување во случајот со отпад“, рече на денешната презентација на резултатите од акцијата извршниот директор на „Пакомак“, Филип Ивановски.

Седумкратното зголемување на бројот на волонтери, според него, е добар показател за претствува растечкиот тренд на еколошката свест во Македонија.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини смета дека оваа акција претставува одличен пример за координација, соработка, мотивација и вклучување на сите државни институции, локалната самоуправа, бизнис секторот, колективните управувачи со отпад, граѓанските здруженија и граѓаните воопшто.

„Акцијата ја покажува важноста на секој чинител во справување со отпадот. Се развива свеста за правилно одложување на отпадот, се содаваат навики за селектирање на отпадот и се развива потребата за одржување на чиста животна средина. Но, исто така, со транформација на одредено количество отпад собран од дрвни насади што се садат потоа на одредени одбрани локации, отпадот се претвора во зелена гора или парк кој е видлив бенефот за сите“, рече Нуредини.

Според него, ова е одличен пример како со иновативен пристап, креативност и волја да се рециклира отпадот од минатото за да може да се гради зелена иднина.

„Министерството го поддржува овој проект бидејќи воспоставување одржлив систем за управување со отпадот е еден од најголемите императиви на кои напорно работиме“, рече министерот за животна средина и просторно планирање Нуредини.

Генералниот директор на „Пивара Скопје“, Горан Сладиќ, истакна дека ова, како што вели, неверојатно движење успеало да ги надмине сите нивни очекувања.

„Оваа акција е во поддршка на нашите напори да ја изградиме нашата земја како место без отпад и тоа е целосно во согласност со нашата глобална иницијатива за свет без отпад. На темелите на големите резултати што беа постигнати претходниот викенд се отвора можност и да придонесеме и за пошумување на земјата и напори за намалување на емисијата на јаглерод диоксид“, рече Сладиќ.

Особено не радува, додаде тој, што голем број волонтери одлучиле да го посветат своето време и лично да придонесат за реализација на оваа иницијатива

Претставниците на „Мен енд Маунтен“ ДОО, кои веќе втора година по ред ја спроведуваат оваа акција, изразија благодарност до секој учесник на „Генералка викенд 2022“ и посочија дека на ваков начин имаме можност да направиме многу за да ја оставиме нашата земја чиста за идните генерации.

„Генералка викенд 2022“, се спроведуваше во 26 општини низ државата, вклучително и во Град Скопје. Еко-акцијата беше поддржана и од министерствата за животна средина и просторно планирање и за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во пролетниот дел од акцијата, која во повеќето општини се одвиваше од 6 до 8 мај 2022, беше собиран сув отпад од локациите што се одредени од страна на општинските власти

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи