Во петок, 20 мај, во 19.30ч. во ликовниот салон на НУЦК Марко Цепенков во Прилеп ќе биде отворен првиот дел од изложбатa „Земја“ на академската сликарка и мултимедијална уметница Бојана Артиновска Трпческа. Самата изложба, замислена е како мултимедијален проект, со отворен микрофон каде поканети гости ќе можат да ги прочитаат своите пишани творби на тема „Земја“. Посетителите ќе можат да ја видат изложбата од 20 мај до 2 јуни, додека од 4 до 13 октомври, делата ќе бидат поставени во КСП Центар Јадро, во Скопје.
„Истражувајќи какво влијание има бојата во просторот, дојдов до древната кинеска практика Фенг шуи, според која, секој од основните елементи има особено влијание и моќ да го лекува протокот на енергија во просторот, во зависност од страната на светот на која е поставен. Верувам дека уметноста може да лекува. Не само авторот кој создава низ процесот, туку и самото дело влијае во просторот, вибрирајќи со одредена фрекфенција, делува врз физичкото, менталното и емоционалното тело на човекот. Земјата е елемент најблизок до мојот сензибилитет и природа, затоа одбрав да се посветам на неа. Сакам да ја изразам мојата благодарност и почит кон мајката од која доаѓа се, и се повторно кон неа се враќа. Таа е симбол на физичка сензација и раст и манифестација на материјата. Учам да ги слушам земјените енергии и оставам да ме водат. Открив нови тоналитети, форми и бои кои резонираат со чувството кое се раѓа во мене додека сум во контемплација со овој елемент, сите нијанси на кафеава, окер, зелена и црна. Сакам да преовладува густа , топла атмосфера, со цврсто структурирана композиција.
Да се биде во слава на природата – тоа е целосно духовно искуство!
Моите слики не се креација, тие се продолжение на животот, низ мене повторно се раѓаат земјата, оганот, водата , воздухот…“ вели Бојана Артиновска Трпческа.
„Современите еколошки концепти кои се однесуваат на заштита и чување на природниот екосистем: зголемување на свесноста за припрадноста на човекот во природата, неговото влијание врз неа преку разните активности, реципрочниот меѓусебен однос и обидите за создавање на живот усогласен со животната средина, претставуваат движечка сила и мотивација за создавање на најновиот сликарски циклус на академската уметница Бојана АртиновскаТрпческа. Со транспонирањето на функцијата „мајка“ врз мотивот земја и изборот на бојата како ликовен елемент, транформирајќи ја во метафора: зелена боја – плодност и изобилство, и кафена боја – темнина, уметницата Трпческа создава воодушевувачки композиции во коишто се отелотворува женскиот принцип. Дополнително, овие апстрактни пејзажи со еколошки асоцијации претставуваат и боени интервенции кои делуваат на внатрешниот амбиент во просторот“, истакна Викторија Димеска, Историчар на уметност.