Сојузот на синдикати на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) го повика наставниот и ненаставниот кадар, во четврток на 2 јуни во 10 часот пред платото на Ректоратот преку мирен протест да го изразат револтот и незадоволството од игнорантскиот однос на надлежните органи кон вработените на скопскиот универзитет, а во врска со непотпишување на колективниот договор и барањето за поголеми плати.
„Согласно утврдениот предлог од страна на претставниците на Сојузот на синдикатите на Универзитетот „СВ. Кирил и Методиј” во Скопје на седница одржана на 27.05.2022 година се повикуваат сите вработени, од наставниот и ненаставниот кадар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје да излезат на мирен протест пред платото на Ректоратот на 2 јуни во 10 часот заеднички да го изразиме револтот и незадоволството од игнорантскиот однос на надлежните органи кон Универзитетот и непотпишувањето на Колективниот договор на УКИМ за остварување на нашите барања за покачување на платите . За сите присутни на протестот Синдикатот ќе обезбеди бесплатен паркинг во склоп на факултетите”, се вели во соопштението на Сојузот на синдикатите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”.
Протестот, како што велат од Синдикатот на УКИМ, е предупредувачки, но ако не им се исполнат барањата, не ја исклучуваат можноста за штрајк во време на јунската сесија со што во неизвесност може да дојде полагањето на студентите на скопскиот универзитет.
Државата за редовен професор одвојува 39.000 денари, а тоа, како што потсетуваат во синдикатот, е највисокото звање на универзитетот. За споредба платите на редовните професори на универзититетите во регионот, вели за Нова професорот Ангел Ристов, претседателот на Синдикатот на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, се многу повисоки. На Косово тие изнесуваат 1.500 евра, во БиХ 1.7000 евра, во Србија околу 1.900 евра, платата на хрватските редовни професори изнесува над 2.000 евра.