На 3 јуни 2022, петок од 19.00 ч. во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата на дела од Методи Исков. Изложбата насловена „Празна галерија“ ќе понуди скулптури и слики, а е поддржана од Министерството за култура.
За изложбата „ПРАЗНА ГАЛЕРИЈА“
Поглавје 1
Дали ја препознаваме уметноста?
Делото “Празна галерија” претставува инсталација со репродукции на скулптурите кои се одбрани земајќи го во предвид периодот на создавање во време во кое уметноста можеби не се сметала за “комплицирана”. Истата ги поставува прашањата: Дали фигуративноста е повеќе препознатлива за пошироката публика? Дали несообразното толкување на ликовните перцепции и интерпретации на уметничкото творештво го продлабочуваат нарушениот однос помеѓу поединецот/посетител и уметникот? Каков е односот помеѓу публиката и уметникот во современието и нејзиното разбирање на уметничките дела? Дали на уметноста гледаме како на мал отвор без притоа да стигнеме до нејзината суштина?
Поглавје 2
Која е цената на уметноста?
Поставката на Празна галерија – поглавје 2 се состои од скулптури и слики поставени во однос на маркет производи (редимејд) кои взаемно се поврзани со лента на која е испишано “гратис”. Оваа инсталација од портрет на античка скулптура/слика и до нејзе поставено производ (редимејд) Прашање кое си го поставувам себеси, но воедно и на публиката. Дали се сведуваме на материјалноста така што културата и уметноста стануваат “ефтини”?
Со оваа скулптура сакам да го доловам концептот на тоа колку ја цениме и вреднуваме уметноста односно дали уметноста е толку евтина што може да ја купиме и во маркет па и во некои случаеви да ја добиеме како гратис.
Оваа инсталација од портрет на античка скулптура и до нејзе поставеното сончогледово масло кое меѓусебно се поврзани со лента на која е испишано „гратис“ е композиција која сметам дека го доловува моментот на маркет, а со поставеноста во ликовна галерија концептот добива сериозна перспектива.
Поглавје 3
Кога уметничкото дело е комплетно завршено?
БИОГРАФИЈА
Методи Исков е роден на 24.05.1990 година во Штип. Во 2009 година завршува Гимназија во Прилеп, јазично – уметничко подрачје. Во 2014 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек вајарство, во класата на проф. Станко Павлески.
Покрај индивидуалните уметнички ангажмани, важен дел од неговото работно искуство е изработка на скулптури вклучени во урбанистички план на град Скопје, учевство при изработка на палета мозаици, од кои можат да се истакнат мозаиците во Црквата Св.”Констанин и Елена” – Скопје, мозаик поставен в базиликата на Св. “Благовештение” во Незарет – Израел со ликот на “Пресвета Богородица”, мозаиците на Црквата Св. “Петка” – Прилеп, итн. Повеќе мурали во градот Прилеп, од кои може да се истакне муралот во Градската Библиотека “Борка Талески” – Прилеп, уметничко уредување на Етно Крушево и многу други.
Учевствувал на повеќе групни изложби во Македонија и досега реализирал една самостојна изложба со наслов “Празна галерија” во 2018 година.
Од групните изложби може да се истакне Биенале на млади уметници 2021 година кое се одржа во Музеј на современата уметност Скопје. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Прилеп од 2011 година, кога во 2020 година станува претседател на ДЛУП.