ВИДЕО – Научната фела бара формирање координативно тело за спас на Трескавец


Потребно е формирање на итно координативно тело за спас на Трескавец, каде членови ќе бидат врвни експерти од својата област доколку не сакаме засекогаш да го изгубиме ова не само наше туку и светско културно наследство. Ова се заклучоците од научниот собир кој викендов се одржа на Трескавец во организација на Институтот за старословенска култура од Прилеп на кој присутвуваа голем број наши врвни научни имиња. Црквата на Трескавец која потекнува од 13 век се наоѓа во катастрофална состојба, дел од фреските се неповратно изгубени, на ѕидовите има огромнии пукнатини, а за да не се урнат делови од нив тие се заштитени со привремени потпори. Привремена заштита која веќе 6 години стои има и на надворешниот дел. Огромен проблем кој засега не може да се реши и влагата во црквата.

„Загрозеноста е содржана во сите елементи, започнувајќи од архитектурата, фрескописот, иконописот, како и конструктивните елементи на објектот. Ова е апел за сите кои можат да придонесат во оформување на ова тело, во спротивно ќе се доведеме во ситуација да го изгубиме овој културен комплекс, а со тоа да го изгубиме и местото во светот на цивилизираните општества кои соодветно согласно меѓународните конвенции се грижат за заштитата на културното значење, особено културното значење од највисок ранг како што е Трескавец“, истакна д-р Бранислав Ристески, директор на Институтот за старословенска култура од Прилеп.

Од прилепскиот музеј демантираа дека ситуацијата била толку многу катастрофална како што вели научната фела, но и тие признават дека кај нас нема стручни конзерватори за вакви проекти и веќе било договорено тука учество да земе експерт од Грција. Бидејќи Трескавец бил граден во повеќе фази и векови, сега дилема исто било во која фаза да се врати назад црквата и да се конзервира. Но сите овие процеси течат пребавно, а манастирот пропаѓа.

„На крајот би требало секоја од фазите во кои постоел да биде застапена. Значи преку конкретни решенија за кои треба да се разговара и да се донесат конкретни одлуки.Околу презентирање на само една фаза од постоењето тоа е генерално невозможно да се одлучиме една фаза да презентираме на споменикот. Тоа е нешто кое треба да се базира на сериозна опсервација на целокупната состојба и после дополнително да се определи што ќе се презентира“, додаде Александар Василески, историчар на уметност

Доколку продолжиме со привремени, а не трајни и сеопфатни мерки на заштита и сериозен пристап, трајното губење на Трескавец е се поблиску.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи