ВИДЕО – Тепачка и полиција во спортска медицина во Прилеп, при обидот да се премести апаратот за стрес тест


Тепачка, турканици, навреди, вербални расправии како и интервенција на полицијата денеска во одделот за спортска медицина во Прилеп, кога раководството на болницата, по претходна одлука на стручен колегиум, се обидело да го земи апаратот за стрес тест и од спортска медицина да го премести во интерното одделение, за да освен спортистите го користат и другите граѓани кои имаат кардиолошки проблеми. Лекарот Гоце Јонзоски, кој работи со овој апарат обвинува за насилно одземање на истиот и за физичко насилство врз него од страна на вработени во болницата, а како што вели по наредба на директорката Кети Смилеска. Јонзоски вели дека срамота било овој апарат да се зема од тука, бидејќи со тоа ќе се уништела службата. Наместо ова предлага да се поправел стариот стрес тест апарат во болницата, кој бил расипан скоро 10 години или да се купел нов кој чинел околу 15.000 евра.

„Бев натепан во амбуланта, на работно место, во работно време од двајца нејзини слуги пајташи. Значи по нејзин налог тие влегоа насила во амбулантата, ми ја свиткаа раката, ме фатија за врат и ме удираа од вратата. Сето тоа е документирано, пријавено е во полиција, полицијата сега интервенира по втор пат. Ова лудило повеќе не се издржува. Се спротиставувам и нема да дадам да се земи на на сила. Нека си купат тие апарат друг. Проблем е за Припеп да се купи нов ваков апарат кој чини 10 или 15.000 евра? Па ако овие пари се проблем за Прилеп дај тогаш да си ја заклучиме вратата и да си одиме дома. Тоа се проблем 10.000 евра? Нека си купат, ама никој не побара нов апарат, туку само на овој нека му се земи“, вели д-р Гоце Јонзоски, специјалист по спортска медицина.

Директорката пак Кети Смилеска денеска истакна дека апаратот ќе биде ставен во функција за сите граѓани од 6 јуни и ќе биде вклучен во системот „Мој Термин“. Демантира дека со ова ќе се уништела службата за спортска медицина затоа што овој апарат иако ќе бидел во интереното одделение, од 5 работни дена, 4 ќе се користел за спортистите, а само 1 ден за сите останати граѓани со срцеви проблеми.

„Имотот на болницата е имот на граѓаните. И ние со тој имот треба правилно да располагаме. И од тоа се водевме кога ја носевме таа одлука дека треба да се премести апаратот, дека треба да го користат и други пациенти. И не можи некој да се доведува во ситуација дека му се одзема нешто што е негово. Ништо овде не е мое или твое, туку е од сите граѓани. Тука има ваков апарат кој не е во употреба, ние во неколку наврати ја разгледувавме можноста на стручен колегиум да се стави повторно во употреба. Но неговата употребна вредност е помината. Направија обид да се сервисира, но не можеше да се поправи. И затоа овој апарат кој е нов го ставаме на располагање и на пациентите, не само на спортистите, со тоа што само го дислоцираме од една просторија во друга“, рече Кети Смилеска, директорка на општа болница Прилеп.

Доколку не се реши овој проблем по мирен пат се најавува правна разврска и од двете страни.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи