Прилепскиот уметник Славчо Павлоски се претстави пред публиката во Нови Сад со својата изложба „Инспирација“

Синоќа во Нови Сад во културниот центар „Милош Црњански“ беше отворена ликовната изложба „Инспирација“ од младиот прилепски ликовен уметник Славчо Павлоски. Изложбата ја организира Здружението на македонци во Нови Сад “Кирил и Методиј“. Нови Сад оваа година е европска престолнина на културата, а изложбата на Павлоски е во рамките на 16.Манифестација „Денови на македонската култура во Нови Сад“.

Инаку Славчо Павлоски е во групата на талентирани македонски млади ликовни уметници. Тој е студент на Ликовната академија при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на отсекот вајарство во класата на професорот Гоце Наневски. Славчо Павлоски учествувал на голем број ликовни изложби, колонии, а се појавува како помошник и како зограф во повеќе цркви и манастири. Овој млад уметник е член на Здружението на ликовни уметници во Прилеп.

За оваа негова изложба, која ја сочинуваат 14 дела масло на платно, но и за неговата целокупна работа професорот по ликовна уметност Александар Џинго, вели:

„Делата на овој млад уметник се кохезија на пост-модерен симболизам и симболизам во времето во кое живее. Периодот на откривање во кое се наоѓа сега е рефлексија на изрази и форми во претставата на неговата композиција. Со оваа изложба Славчо внесува нова свежина и идеи во уметничките кругови. Неговиот циклус масло на платно е носач на универзални вредности и од стилистички и од семантички аспект.“

Зборувајќи за Павлоски и неговата леснотија на сликање со која го презентира својот талент професорот Џинго знае да каже дека делата на Славчо во себе го имаат пластичниот ефект на Дали, сликарската бајковитост на Фридов и Кандидовото компонирање, но сепак тоа се уникатни дела полни со сегменти во меки и сигурни сликарски потези.

Славчо Павлоски од дете го привлече на себе вниманието со неговата вештина за сликање. Моментно е студент кој на студентските изложби учествува со најмногу дела, а еве од денес неговата уметност се доживува и надвор од границите на нашата држава.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи