СДСМ Прилеп: Го охрабруваме градоначалникот Јовчески да си поднесе оставка


Китењето со туѓи перја, односно сликањето со проекти реализирани од страна на доскорешните градоначалници од редовите на СДСМ, е главна карактеристика на седуммесечното владеење на неспособните кадри на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Вчерашното врачување на наградата за „Најзелена општина“ во 2021 година, која во присуство на шефот на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја, Амбасадорот Дејвид Гир и’ беше доделена на Општина Прилеп, е најдобра потврда за кажаното. Велат во соопштението од СДСМ Прилеп.

Соопштението го пренесуваме во целост.

„Имено, нашите сограѓани но и целата македонска јавност се уверија во отсуството на политичка култура и потценување на јавноста од страна на актуелниот прилепски градоначалник, Борче Јовчески. Без никаков срам, без воопшто и да ги спомене заслугите на претходната локална власт предводена од СДСМ за освоеното признание, Јовчески го присвои она што во мината година го сработија неговиот претходник Илија Јованоски и поранешниот менаџерски тим на ЈКП „Комуналец“.

Срамот на Борче Јовчески беше двоен, бидејќи без никаква грижа на совест се сликаше и на спортско-рекреативниот центар кај вештачкото езеро, проект кој исто така беше комплетно осмислен и реализиран за време на четиригодишното раководење на општина Прилеп од страна на СДСМ.

Ако ништо повеќе, она што тој од етички и морален аспект најмалку требаше да го направи, беше да го покани на настанот својот претходник и заедно да ја примат наградата, во која придонесот на Јовчески е целосно минорен.

Конечно, кога веќе ја посети и Пречистителната станица која исто така беше пуштена во употреба за време на мандатот на претходниот градоначалник од редовите на СДСМ, во оваа прилика уште еднаш го прашуваме Јовчески, што стана со неговото изборно ветување за укинување на ставката за пречистување на урбаните отпадни води и со намалувањето на сметките за вода?

Од ден на ден, неспособноста на Борче Јовчески во практикувањето на градоначалничката функција, станува се’ поголем проблем за нормалното функционирање на локалната самоуправа и секојдневниот живот на граѓаните на општина Прилеп. Оттаму, го охрабруваме да се осмели и да го направи она за што подолго време размислува, а коешто го потврдуваат и неговите сопартијци – да поднесе оставка!“, велат во соопштението од СДСМ Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи