ВИДЕО – Стартува проектот „Крушево и Елбасан – признаена туристичка прекугранична дестинација“ вреден 744.000 евра


За 20-тина денови стартува реализацијата на проектот „Крушево и Елбасан – признаена туристичка прекугранична дестинација“ вреден 744.000 евра, од кои Крушево за своите активности ќе добие околу 300.000. Прво што ќе се реализира е изградба на паркинг простор кај полетиштето за параглајдери на Мечкин Камен кое и тоа како е потребно, поради тоа што ова место е помеѓу топ 5 светски дестинации за овој спорт. Освен подобра инфраструктура проектот ќе донесе и поголема туристичка соработка помеѓу Македонија и Албанија.

„Сега ќе добиеме нов паркинг простор. Нови даунхил патеки за велосипедисти, 2 метеоролошки станици ќе бидат поставени тука на полетувалиштето, урбана опрема, промотивен материјал кој ќе биде презентиран на сите оние кои доѓаат тука за одржување на операторите. За операторите од Крушево кои издаваат соби ќе има и обуки како да се однесуваат со странци и како повеќе да ги привлечеме тука“, вели Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

 

„Сакам да потенцирам дека овој проект е прва фаза од заедничката соработка помеѓу двете општини и за издржлив економски развој на општините и мост за соработка во културата, уметноста, спортот и слично“, Арту Гуни, заменик градоначалник на Елбасан.

После короната параглајдеристите од цел свет полека се враќаат во Крушево. Ова лето има закажано 5 меѓународни натпревари, светски куп во параглајдерство, како и подготовките за светкото првенство во змејарство. Нашата екипа се сретна со 30-тина параглајдеристи од Норвешка кои доаѓаат тука специјално само поради одличните услови за летање.

„Ова не е натпревар ние сме група на пилоти од Норвешка кои сме тука да се забавуваме и да летаме. Јас сум прв пат тука, некои пилоти биле и претходно, така што се враќаме постојано“, вели една параглајдеристка од Норвешка.

 

„Условите се одлични, воздушните терми за летање се прекрасни, исто така има и многу рамно место за слетување што е одлично и за почетници, но и за поискусни пилоти“, рече друг параглајдерист од Норвешка.

Според вицепремирот  за европски прашања Бојан Маричиќ. Крушево треба да пример како општините треба да се трудат да ги користат европските фондови кои ни се на располагање.

„Владата стои на располагање на секоја општина што е заинтересирана и што може да искористи од овие пари, да помогнеме и во подготовката на проектите и во нивната промоција се разбира, бидејќи и на Владата и на државата и на општините, па и на ЕУ е парите се искористуваат што е можно повеќе“, вели Бојан Маричиќ, вицепремир  за европски прашања.

Паркингот за параглајдерите ќе биде изграден до оваа есен, а целиот проект треба да заврши во 2024 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи