Од утре се замрзнуваат трговските маржи на основните прехранбени производи

Од утре до 30 септември повторно се ограничуваат трговските маржи на основните прехранбени производи, одлучи Владата на предлог на Министерството за економија.

Трговската маржа на основните прехрамбени производи како бел леб сечен на парчиња или цел, белиот шеќер, како и сончогледовото масло за јадење се ограничува на 5%, додека за брашното од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз, трајно кравјо млеко со масленост од 2.8%, 3.2% и 3.5% и јајца од кокошка се ограничува на 10%.

„По консултација со бизнис-заедницата, посебно со трговците на мало и на големо и со производителите на основните прехранбени продукти откако беше направен надзор на пазарниот инспекторат и согласно сите извештаи на предлог на Министерството за економија, Владата само што ја усвои одлуката за определување највисока трговска маржа на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало. Според одлуката, почнувајќи од утре, откако ќе биде објавена во ‘Службен весник’, заклучно со 30 септември оваа година, за бел леб сечен на парчиња или цел, бел шеќер, сончогледово масло за јадење се утврдува трговска маржа од пет отсто во трговија на големо и пет отсто во трговија на мало. За пченично брашно, тип 400 и тип 500, макарони, шпагети од тврда пченица, бел ориз, млеко и јајца се утврдува маржа од десет отсто во трговија на големо и трговија на мало“, рече министерот за економија Крешник Бектеши.

Дополнително на тоа, како што додаде министерот Бектеши, во делот на формирањето цени, до крајот на годината нема да се пресметуваат никакви дополнителни оперативни трошоци и нема да се одобруваат ниту рабат ниту надоместоци на секој трговец на мало кои ги плаќа трговецот на големо или производителот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи