ВИДЕО – Многу ветувања, но бавни или никакви реализации – патната инфраструктура во Пелагониско


Многу се ветува но бавно се реализираат ветувањата. Со една реченица ваква е сликата со децении кога станува збор за обнова на инфрастуктурата за Пелагонискиот регион. Уште во средината на 90-тите се ветуваше автопатско решение Битола-Прилеп-Скопје, денес 25 години после тоа се уште се вози по катастрофално лошиот патен правец на преминот Плетвар, а не е изграден ниту експресниот пат Прилеп-Градско кој започна да се гради во 2016 година. Министерот Бочварски иако лани истакна дека овој пат ќе биде готов во 2023 година, денес како да не беше сигурен во ова тврдење.

„Тоа ќе го утврдат надзорните органи заедно со градежните компании кои што се на терен. Од наша страна притисокот е огромен за да се заврши секој еден проект во зададениот рок, доколку има одредени пролонгирања тоа треба низ процедурите на системот да дојде до нас, за да и ние бидеме информирани за одредени објективни или субјективни причини, какви и да се, во однос за одредена делница, бидијќи при градбата се јавуваат секогаш состојби кои можеби не биле предвидени во проектирањето“, истакна Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Бочварски денеска го посети Крушево каде со средства од Министертсвото се рехабилитираше улицата „Питу Гули“ и се изгради нов паркинг. Но не е сигурно кога точно ќе се рехабилитиираат патните правци Крушево-Кривогаштани и Крушево-Демир Хисар, а кои исто така се во премногу лоша состојба, а се значајни за развојот на туризмот.

„Јас очекувам да ЈПДП во Програмата за 2023 година ги вметне овие 2 патнии правци. Сакам да потенцираме дека имаме потешкотии со порастот на цените кои се на светските берзи, на асфалтите, на бетоните, на железото на се она што се вградува како градежен материјал, но гледате дека динамиката продолжува секаде“, додаде Бочварски.

Бочварски рече дека до есен се очекува да започне рехабилитација на патот Битола-Меџитлија а годинава се очекувало да започнат и одредени активности околу изградба на автопат Прилеп-Битола.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи