Денеска се проби првиот од двата тунели во Фаришката клисура кои се дел од новиот експресен пат Прилеп-Градско. Тунелот е со должина од 139 метри, а се пробивал цели 7 месеци. Другиот тунел што треба да води во спротивната насока требада бидие долг 159 метри. Деленицата Фариш Дреново каде се наоѓааат тунелите е т.н. втора фаза од овој експресен пат. Долга е околу 10 км. а истата ја гради кинеската „Синохидро“.
„Вредноста за изградба на втората делница од Дреново до Фариш изнесува повеќе од 33 милиони евра, а само за изведбата на тунелот инвестираме 5,7 милиони евра. Динамиката на изградба на оваа делница, но и генерално на целата траса од експресниот пат се одвива според предвиденото темпо. Знаеме колку е значаен овој експресен пат за нашата држава. Тој има големо економско и социјално значење за целиот регион“, рече министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Министерот Бочварски истакна дека со засилено темпо се работело и на првата делница од овој нов пат од Градско до Дреново, но за разлика од лани кога се ветуваше дека експресниот пат ќе биде готов до средината на 2023 година, сега нема толку цврсти ветувања, само дека се вложуваат максимални напори да не се прекршат роковите.
„Ширината на коловозните ленти на секој тунел ќе изнесува по 3,5 метри додека пак пешачката патека ќе биде по 1 метар. Очекуваме градежните активности да бидат завршени на време бидејќи изведувачот е комплетно мобилизиран и ги има сите потребни ресурси. Работна сила, механизација и опрема. Ова ќе биде 14-от тунел на патиштата во државава“, кажа директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.
Инаку кога станува збор за обновата на инфраструктурата во Пелагонија може слободно да се каже дека многу се ветува, но бавно се реализираат ветувањата. Уште во средината на 90-тите се ветуваше автопатско решение Битола-Прилеп-Скопје, но денес 25 години после тоа се уште се вози по катастрофално лошиот коловоз на преминот Плетвар. Овој пак ексресен пат се гради од 2016 година. Дали ова светло на крајот на тунелот ќе значи дека конечно Пелагонија ќе добие за брзо современ инфраструктура останува да видиме.