ВИДЕО – Започна Семинарот за народни песни и инструменти во состав на Фестивалот „Пеце Атасовски“ – голем интерес кај младите


По 12-ти пат во Прилеп започна Семинарот за народни песни и инструменти кој се одржува во состав на Фестивалот „Пеце Атасовски“ чие 48-мо издание треба да започне вечерта во петок на камената бина на плоштадот „Александрија“ во Прилеп. На овој семинар учествуваат 10-тина млади од повеќе краеви на Македонија, кои оваа година ги изучуваат македонските песни од Овчеполието. Младите велат дека се дел од овој настан затоа што сакаат да научат повеќе за нашиот фолклор. Велат дека има интерес кај нивните врсници да се продолжи да се изучува нашата традиција.

Тоа едноставно треба да се почувствува внатре во себе и кога ќе се примети дека во денешно време веќе почнува да изумира народната традиција, ние правиме се што можеме и е во наша моќ да ја сочуваме во што поархаична форма што била“, вели Мартина Муневска, студентка на музичката академија во Штип.

 

Тамбура свирам, почнав да свирам во прва година средно и прво почнав сам да свирам, подоцна професорите што ми предаваа ми помогнаа за да се надоградам во тоа што го сакам, што ме привлекува. Исто така свирам и виолина од второ одделение, но се пронајдов повеќе во овој инструмент. Кај повеќе млади приметувам како созреваат и дознаваат што сакаат да прават има многу интерес не само за овој инструмент, општо и за другите инструменти“, рече Филип Анастасов, учесник од Велес.

 

Ќемането го изучувам веќе 7 години, иницијатор за јас да го изучувам е професорката Родна Величковска каде што еднаш се спремавме да дојдеме и да настапиме на фестивалот во Долнени „Пеце Атанасовски“ и таа му предложи на нашиот раководител јас да изучуваме ќемане“, додаде Никола Ѓорѓиев, студент на факултетот за музичка уметност во Скопје.

 Дел од учесниците на семинарот, освен што свират на народните инструменти истите ги изработуваат.

Изработувам народни инструменти тамбура, ќемане, гајда, ги изработувам од љубов бидејќи исто така и свирам на нив. Откако почнав да одам во фолклорни групи таму имаше постари инструменталисти кои свиреа на тие инструменти и од љубовта кон тие инструменти добив желба да ги изработувам. Кај нас има исто така добри мајстори кои ги изработуваат народните инструменти, кои со нивна помош почнав да ги изработувам и јас“, кажа Бобан Анакиев, изработувач на народни инструменти.

Професорите кои предаваат на Семинарот велат дека целта била младите да се воведат подлабоко во тајните на традиционалната музика, вокалното пеење и инструменти. Сите семинаристи веќе добро ги познавале инструментите со кои свират, што било предност за нивна уште поголема надоградба.

Знаеме дека се помалку инструментите и пеењето може да ги сретнеме во нивната изворна форма, во нивната реална околина, во оние услови кога се пеело и свирело во минатото, но оваа институционална форма на пренесување сепак е еден голем чекор за нас како држава и како нација да се зачуваат, да се пренесуваат и во иднина можеби во некоја поразлична форма, можеби музички надоградени соодветно на современите услови во кои се наоѓаме и со кои живееме, сепак јас лично се трудам и овие идни мои млади колеги мислам дека се искрени љубители на она старото, архаичното, традиционалното“, истакна Д-р Горанчо Ангелов, професор на музичката академија во Штип.

 

Досега овие изминати години тоа беше преку едукативни видео презентации кои се одвиваа на различни портали и линкови. Оваа година имаме повторно со семинаристите, секако во мал број, десетина семинаристи, меѓутоа добро потковани, сите едуцирани во тој правец кој сакаат да го негуваат и да го продолжат она традиционално свирење и пеење. Имаме и доста планови за наредните години, секако пред нас е и јубилејот на 50 годишнина на фестивалот, сакаме да биде малку во поголем број и со семинаристи и на повисоко ниво на едукација“, изјави М-р Горан Василески, секретар на фестивалот „Пеце Атанасовски“.

Предавачите велат дека секоја година бројот на учесници се зголемувал што особено им претставувало големо задоволство, а целта била во иднина тука да доаѓаат и гости од странство кои сакаат да го изучуваат македонскиот фолклор.

Морам да кажам дека работиме со доста талентирани и млади учесници на семинарот и секоја година бројката се зголемува. Знаеме дека претходните 2 години имавме поинаква форма, сега веќе се надоградуваме и продолжуваме да работиме со поголем број на учесници и на крајот како цел ќе биде тоа што ќе го научат овие неколку денови на семинарот да го презентираат на отворањето на првата фестивалска вечер на фестивалот на традиционални инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ и морам да кажам дека ова е семинар, еден од малкуте во Македонија кој се организира по 12 пат за традиционални инструменти и песни и ќе се потрудиме следната година да имаме многу повеќе учесници, многу повеќе семинаристи со тоа што би сакале да имаме и од странство за да можат да ја изучуваат нашата традиционална македонска музика“, вели М-р Стојанче Костов, Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје.

Инаку од пријавени 350 мина, комисијата селектирала 300 кои ќе бидат дел од годинешното издание на Фестивалот. За двата фестивалски денови се ветува доста богата програма, фолклорни групи, свирачи, како и претставување на одредени обреди.

Важно годинава успеавме да оствариме контакти со одредени групи од странство, се пријавија групи од Србија, имаме една група која ќе ни дојде на фестивалот од Србија, се пријавија групи од Бугарија и Грција но за жал нешто во последно време ни откажаа, знаете некои протоколи кои мораше да се спроведат. Тоа е битно, ќе имаме годинава и странски учесници. За симпозиумот, годинава ќе се одржи во петок во 11 часот на кој учество ќе земат еминентни професори истражувачи професори во Институтот за фолклор и голем дел помлади истражувачи кои се веќе докторанти во Институтот за фолклор. Тие се активни сите овие 4 години, но зборникот што сега го подготвуваме, се надеваме дека во текот ќе излезе, ќе настапуваат 11 учесници со различни теми од фолклорот, музичкиот фолклор, фолклористиката, етнологијата и секако ќе биде тоа интересно да се посети и да се виде. Симпозиумот е од отворен карактер, можат да го посетат и граѓаните кои сакаат да дојдат да слушаат“, потенцираше Д-р Родна Величковска, Уметнички директор на фестивалот „Пеце Атанасовски“.

Фестивалот ќе се одржува 2 дена првиот ден во петок на Камената бина во Прилеп, а вториот ден, во саботата во Долнени, кај месноста Рудина.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи