„Дали младите се на фронтот на евроинтегративните процеси и што ги држи нив заедно во регионот?“ е тема на меѓународниот настан на кој учествуваат 15 млади луѓе од Северна Македонија, Грција, Бугарија, Србија, Романија и Полска, организиран од Младински Сојуз во Крушево. 6 дена заедно дискутираат и споделуваат искуства и знаења за улогата на младите во евроинтегративните процеси на регионот.
Добри односи и спорови, непочитување на човековите права, високиот степен на корупција, трендот на миграција, безбедност и стабилност, невработеност и сиромаштија се најгорливи предизвици со кои се соочуваат младите во регионот.
Почнувајќи од Самитот во Солун 2003 и промените кои настанале во изминативе 20-тина години во евроинтегративните процеси, најзначајни промени идентификувани од младите во регионот се структурата и методологијата за билатерална и регионална соработка, пристапот на младите кон евроинтегративните процеси, економската стабилност, но и зголемениот евроскептицизам како резултат на актуелните случувања.
„Ова искуство ни даде можност на нас младите од регионот да се запознаеме, да ги споделиме нашите идеи и визија за како да го обликуваме нашето општество во регионот. Уште еднаш заклучивме дека демократијата, слободата, меѓусебното разбирање и комуникацијата ќе создадат мост за пополнување на постојните празнини. Соработката меѓу младите може да послужи како совршен пример на носителите на одлуки дека само со дијалог и соработка меѓу луѓе со заедничко, но во исто време различно потекло може да се постигнат позитивни промени. Европските вредности се основната почетна точка за да се постигне и да се обезбеди безбедна средина за сите луѓе во регионот, без разлика на нивната етничка припадност, религија, сексуална ориентација, пол и општествена припадност“, истакна Александрос Павлоу од Грција, од организцијата “SEE in Action“.
Очигледно е дека само доколку младите работат на заедничките предизвици и проблеми, во духот на регионалната соработка, ќе се приближат многу поблиску до изнаоѓање на решенија ориентирани кон зајакнување на позицијата на младите. Впрочем, ова е и главната цел на оваа обука поттикнувајќи ги младите да се фокусираат на решенија наместо на проблеми.
Обуката се спроведува од 15-ти до 20-ти Јули, и е поддржана од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност преку Еразмус плус програмата.