Иако родовата еднаквост се почитува во општинските администрации и нема драстично отскокнување помеѓу истите во руралните и урбаните средини, сепак потребно е подобрување на ова поле бидејќи тоа ќе биде и дел процесот на интегрирање на Македонија во ЕУ. Со истражувањето на Рурална Коалиција биле опфатени општините Кичево, Гостивар, Прилеп, Врапчиште, Пласница и Кривогаштани. Секаде се почитува законскиот минимум од 30% од Советот да се жени, но ниту процент повеќе. На раководните позиции пак секаде далеку побројни се мажите.
„Конкретно во Општина Прилеп од 36 раководни позиции само 6 се на жени, иако, од друга страна, бројот на вработени жени во Општината е поголем од бројот на вработени мажи. Тоа се некое родови диспаритети кои се уште постојат на локално ниво, или чисто да ја земеме општината Пласница каде што од 7 членови на Советот на Општината, само 1 е жена“, вели Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција.
Од граѓанскиот сектор бараат ветувањата и спроведувањето на политиките за родова еднаквост да не бидат само про форма туку реалност.
„Исто така една препорака и до самите политички партии повеќе да се вложат и во промовирањето на жените, дали тоа би било како пратенички или идни градоначалнички и исто така најголемиот тука негативен резултат кој што го имаме и на сите ни е познат е всушност што ние имаме само 2 градоначалнички, едната е на Старо Нагоричане и другата на Скопје“, додаде Јоноски.
Од овие 6 општини предничи Кривогаштани каде ист е бројот помеѓу мажите и жените кои имаат одлучувачка функција.
„Имаме формирано Комисија за еднакви можности од Советот, имаме назначено координатор за еднакви можности, имаме изготвено годишна програма“, изјави Дејан Киселоски, Општина Кривогаштани.
Доколку не се подобрела ситуацијата од граѓанскиот сектор велат дека ќе бараат во иднина воведување и квоти за жени градоначалници.