ВИДЕО – Како се живеело во Пелагонија пред 8.000 години, што јаделе луѓето, во што верувале – нови истражувања на Врбјанска Чука


Седма година по ред продолжуваат истражувањата на неолитскиот локалитет Врбјанска Чука кај Прилеп каде е откриена неолитска населба тумба, која се претпоставува дека е стара околу 8.000 години. Ова е едно и од првите места на европскиот континент каде за прв пат луѓето започнува да се занимаваат со земјоделство, односно одгледување на жито. Во моментов се истражуваат последните етапи од тој неолитски живот тука.

„Битно е да видиме како луѓето во последните фази на неолитската населба живееле, бидејќи веќе имаме сознанија за почетоците на неолитската населба, имаме дати добиено, ги имаме периодот и хронологијата кога таа е формирана. Имаме некакви дати за крајот на неолитската населба, меѓутоа битно е да видиме дали во крајните етапи на населбата се живеело на ист начин како и на почетокот, дали има одредени промени, дали има модификации, дали економијата е иста, дали архитектурата е иста, дали верувањата се слични. Сега во моментот ја работиме најдоцнежната градба, која некаде веројатно е изградена во период меѓу 5.800 и 5.700 години пред новата ера“, истакна Гоце Наумов, Центар за истражување на праисторијата.

Животот тука продолжува и во антиката и средниот век.

„Во античкиот период тука имаме остатоци од населбитско живеење со лимитиран карактер од средно-римскиот период. Во текот на средниот век, поточно во 12 век овој простор бил користен како некропола, откриваме погребувања од тој период. Последна фаза од човечки активности на овој простор да бидат овие јами кои ги откриваме во процесот на истражување“, рече Христијан Талевски, научен соработник во ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп.

На овој локалитет во 80-тите години е откриен жртвеник стар над 8.000 години и кој пак е најстар ваков артефакт пронајден на Балканот.

Карактеристично за него, зошто е тој култен објект, затоа што на предните делови, односно на влезот во самиот простор и северозападниот ѕид се наоѓаат скалести украси. Идентични вакви скалести украси се наоѓаат и кај малите куќни жртвеници кои редовно ги наоѓаме не само на локалитетот Врбајнска Чука, туку и на сите локалитети во Пелагонија“, вели Александар Миткоски, археолог, Завод и Музеј Прилеп.

Локалитетот го истражуваат и архео ботаничари од странство.

„На почетокот на неолитот луѓето започнувале да се хранат со домашни растенија кои самите и одгледувале. Претежно тоа на овие 3 локалитети на кои работиме тоа се едно зрна и дво зрна пченица, кои денеска не се користат толку често, но исто така и обичната пчен ица која и денеска се употребува, од која се прави леб кој го конзумираме денес. Исто така се произведувал јачмен, кој можел да се употребува за производство на пиво, постојат документи дека пиво се користело и во неолитот, но засега не на нашите простори“, рече Амалија Сабанов, архео ботаничар.

Сондата каде што се работи сега има димензии од 30 на 20 метри, што претставува само 5% од оваа населба која има импресивна големина и чека да биде целосно откриена.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи