ВИДЕО – Дали конечно Трескавец ќе го добие заслужениот однос од државата или ќе продолжи да се распаѓа?


Дали конечно работите околу манастирот Трескавец ќе се придвижат од мртва точка и дали државата ќе преземе сериозни и пред се итни чекори за спас на ова не само наше туку и светско културно наследство. Пред 3 месеци на Трескавец се одржа научен собир, од врвни експерти, кои побараа создавање на итно координативно тело за спас на Трескавец кој буквално се распаѓа пред нашите очи, а никој со децении не презема ништо. По собирот за ситуацијата се известени МАНУ, МПЦ и Министертсвото за култура од каде се добиени гаранции за итна заштита на црквата.

Во годишната програма на Министерството за 2023 година едно од централните места ќе завземе заштитата на манастирот Успеание на пресвета Богородица, особено манастирската црква, што подразбира изработка на проект за конзервација со ангажирање на домашни и меѓународни експерти во соодветните области, како и заштитата во поширокиот сегмент основана на заокружување на сознанијата за античката населба Колобаиса“, рече Бранислав Ристески, археолог во Институт за старословенска култура Прилеп.

Дел од фреските се неповратно изгубени, а постои опасност и од уривање на делови од ѕидовите на црквата, кои за да не дојде до тоа се привремено заштитени со потпори, а привремено за да не влегува вода внатре црквата е заштитена со дрвено скеле со пластики. Токму затоа ова се последните моменти за сериозен пристап пред да се случи вистинска катастрофа со уривање на самиот храм.

Значи сите врвни институции од таа област го кажуваат своето мислење, недвосмислено дека состојбата е алармантна и ова е можеби последен момент кога може нешто посериозно да се направи и од тие причини сум убеден дека не е само празни зборови, бидејќи за година две ќе имаме ситуација која би била за срам како општествена заедница, како Република Македонија, бидејќи ние имаме обврска за светското културно наследство во кое несомнено спаѓа Трескавец да го заштитуваме“, додаде Ристески.

Друг проблем е што иако лани се обновија опожарените конаци, за нив нема технички прием и не може да се примаат гости, бидејќи нема вода. Парите од ТАВ Македонија се обезбедени повеќе од 1 година, ама проблем е што Општината се уште ја нема донесено потребната документација. Од таму само кусо ни одговорија дека била изготвена урбанистичка документација и се чекало мислење на релевантните институции до 12 септември, при што по ревизијата на проектот ќе следело одобрение за градба.

Сите се надевааат дека конечно во 2023 година Трескавец ќе го добие заслужениот однос и од државата и од општината и дека ќе се стопира неговото уништување.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи