ВИДЕО – Манастирите Св. Спас и Св. Василиј Велики местата од каде започнува историјата на денешно Крушево


Манастирот Свети Спас кој се наоѓа на неколку километри од Крушево е едно од местата кои се најпосетени од туристите во овој крај. До него се стигнува кога од регионалниот пат Прилеп-Крушево, кај индустриската зона „Опаленик“, ќе завртите во лево и до него потоа има уште само 3 км. Манастирот и неговата околина имаат навистина импресивна историја, која е поврзана и со самото формирање на градот Крушево. Според историските записи развојот и историјата на манастирот може да се следи од 15 век, па се до денес. Првичната историја на манастирот е поврзана со сега непосточечкото и исчезнато село кое се викало Стари Дол и манастирот Свети Никола, кој исто така сега не постои, а се наоѓале на околу 1 км. од сегашниот манастир.

„Документарно и континуирано историјата на ова село и на овој манастир кој што е поврзан со тоа село може да се следи од 15 век, поточно од 1467-68 година, а тоа е првиот опширен пописен османлиски катастарски тефтер за овој регион, каде што се споменува селото заедно со манастирот Св. Спас и манастирот Св. Никола и тоа е заеднички имот со селата Трстеник и Годивље кои што се наоѓаат источно од манастирот под таканаречениот  рид, Крајни рид. Тој манастир постоел некаде до 18 век, односно  овој манастир. Следен документ кој исто така го потврдува постоењето на селото и манастирите е дефтерот број 16 од 1481-82 година. Тогаш се попишани имотите на манастирот Св. Никола, во кој што припаѓал и манастирот Св. Спас, кој го управуваат 5 спахии од околните села и според османлискиот систем се учесници во војна заради управување на тој имот, односно нивна задолжителна обврска е да учествуваат во војна кога повикуваат ослманлиските владетели и тоа последователно на неколку пописи е регистрирано.

Друг документ кој го споменува манастирот и селото е од 1544-45 година каде што се попишани имотите на османлискиот владетел, од тогашната прилепска нахија на која што припаѓал и овој дел, некаде се евидентирани неколку села. Потоа, документи односно информации за постоењето на манастирот најдуваме во македонските кодики кои ги публикувал Селиштев, а тие се од период 16 до 18 век.

Инаку во 18 век се случува еден настан во селото Стари Дол кој е погубен и за самото село и за манастирот. Имено станува збор за една девојка Румена Коруноска која што била забележана по својата убавина од муслиманите од соседните села Врбоец и Алданци и неколку пати била грабнувана. Кметот на селото Спасе Коруноски како влијателен човек во Битола и Охрид, односно живеел со османлиските повисоки слоеви во администрацијата, благодарение на тоа што денешното крушевско земјиште го поседувал Јаја Бег, капетан во османлиската армија и на тие релации успевал неколку пати да ја ослободи необесчестена. Револтирани од тоа, соседните муслимани еден ден повторно решиле да го нападнат селото, точно на пладне, гледајќи на самата девојка која била дома останата, гледајќи од прозорот што се случува во подножјето на полето, таа решила да се самоубие фрлајќи се од највисокиот кат на куќата, бидејќи куќата се најдувала покрај самиот дол или река во непосредна близина на манастирот.

Во моментот кога решила да скокне, за рака ја фатил синот на кметот кој што ја посакувал таа да биде неговата идна невеста или сопруга и преку селата Трстеник, Бирино и Свето Митрани стигнале во село Кривогашатани кај фамилијата Вртевци, која постои и денес, а тука тој имал мажено сестра на неговиот татко, односно тетка каде останале една недела, но кога дознале муслиманите дека покрај што е избиено населението од селото кога е нападнато и запалено дека тие се спасиле, го нападнале и ова село и таа фамилија и го убиле младоженецот, а девојката се неговата мајка, кои единствени преживеале од селото успеале да стигнат до Јаја Бег кој го поседувал крушевското земјиште и со останатиот дел од населението кое успеало да се спаси добиле гаранции да се насели некаде околу 1760 година на територијата на денешниот град Крушево“, вели Зоран Богески, историчар.

Со ова започнува и создавањето на денешниот град Крушево или т.н. фискализација на земјиштето околу Крушево, а се воведува и даночен систем со повеќе поволности за самото население кое сега се населува тука. Но не само жителите од селото Стари Дол, туку сега во овој период во Крушево доаѓа и влашко население од Москополе и македонско мијачко население од Западниот дел на Македонија. Интересно е што исто така тогаш населението од Крушево си го откупува земјиштето од османлискиот султан за сума од 250.000 златнии турски лири или во денешно време таа сума би се движела некаде од 2 до 4 милиони евра.

„Каде што се ослободени од редовното плаќање на данок, сепак има регулирани даночни обврски со бегот на земјиштето, Јаја Бег кој пак на друг начин ги подмирувал даночните обврски кон Османлиската империја, со тоа што свои луѓе поставил да го штитат населението, им забранил на муслиманите од Врбовец, Алданци, Норово и Пресил да ги напаѓаат со тоа што плаќале по 10 гроша данок годишно за машка глава на фамилијата, 10 кубици дрва, односно давале од се десеток, или од 100 снопје сено или жито плаќале 10 снопје.

Започнува процес на фискализација на територијата на денешното земјиште на кое што е настанат градот Крушево. Како тоа се случило, самиот Јаја Бег преку фискализацијата на ова земјиште се ослободил од плаќање данок на земјиштето од кое не влечел многу приходи на тој начин што споменавме како ги регулирал даночните обврски на новите жители кои од Стари Дол доаѓаат во Крушево  и добиваат заштита, со тоа што веднаш, непосредно по нивното доселување започнуваат да се случуваат процеси од ист карактер и во други делови од Балканот. Тогаш е нападнато и Моско Поле од Али паша Јанински од каде што доаѓа дел од влашкото население, а исто така напаѓан е и западниот дел на Македонија, истата година 1766 од каде што доаѓа македонско мијачко население.

Подоцна во неколку наврати до 1812 исто така се забележани во документите и изворите голем прилив на население, благодарение на тие даночни поволности и тоа траело некаде до 1840 година, кога најверојатно бегот починал и го наследиле неговите потомци кои сакале истите тие даночни обврски да ги зголемат за секоја машка глава од семејството, па дури и за новородено бебе, што сепак било економски неиздржливо и доаѓа до судски спор кој во Битола се заведува и процесот тече, но поради подмитување на османлиската власт крушевчани тој спор го губат. На крајот од сите родово регионални гранки, значи Власите од Моско Поле и Грамос и Македонците Брсјаци и Мијаци избираат неколкучлена делегација и исплаќаат одредена сума која е некаде околу денешни 2 до 4 милиони евра и заминуваат во Истанбул каде султанот формира еден суд, апелациски суд кој ќе го разгледа случајот, а претседател е ерусалимскиот валија  Ехфем паша и на крајот спорот е завршен компромисно.

Платени се околу 250.000 турски златни лири, што е денес на таа сума која ја споменав, односно од 2 до 4 милиони евра и е откупено крушевското земјиште, со тоа што во ферманот стои дека во градот не смее да се населува муслиманско население, да не се градат верски муслимански објекти и да нема османлиска администрација. Но тоа е прекршено некаде 1872 година бидејќи градот доживува голема економска и демографска експанзија и пополнува еден голем простор во денешна Западна Македонија како центар. Османлиската власт формира нахија, тоа е градот Крушево со селата Селце, Алданци, Норово, Трстеник, Бирино, Острилци и Рилево, со што муслиманската администрација навечер не останува во градот, освен војската и полицијата“, истакнува историчарот Богески.

 

Поврзана со жителите од селото Стари Дол и нивното населување на територијата на денешно Крушево е и изградбата на најголемата црква во овој град, посветена на Свети Никола, исто како и манастирот кој постоел кај сегашниот манастир Свети Спас. Како објект од тврда градба е изграден во 1832 година и таа црква имала сосема различна форма од денешната и била со многу поголеми димензии. Највредното ремек дело во таа црква бил големиот иконостас кој го изработил познатиот македонски копаничар Петре Филипоски Гарката, кој последните децении од својот живот ги поминува во Крушево, а иконостасот го правел цели 20 години заедно со неговиот зет Димитар Станишев. Според историските записи токму оваа црква е местото од каде објавен почетокот на Илинденското востание.

Но за жал целото непроценливо богатство кое го поседувала црквата е срамнето до темел и целосно изгорено при нападот на Крушево од страна на отоманската војска за време на Илинденското востание. Црквата е возобновена во периодот 1905-1907 година и ја добива денешната форма и изглед. По возобновувањето повторно станува седиште за Цариградската Патријаршиска Митрополија.

Да се вратиме малку назад, кога се запалило селото Стари Дол и манастирот Св. Никола кој тогаш постоел, дали имаме денес некои остатоци од селото и манастирот?

„Од селото постојат остатоци, значи како археолошки локалитет и тоа се наоѓа во атарот на соседното село Врбовец, за разлика од манастирот кој се наоѓа во атарот на градот Крушево. Тоа е и вообичаена пракса кога едно село исчезнува со тек на време неговата територија да биде поделена меѓу соседните села. Најверојатно во локалитетот, ние се уште точно не ја знаеме локацијата на манастирот Св. Никола иако е доста споменуван, постојат и документации кои што го сведочат тоа и најверојатно овој манастир е во склоп на тој манастир. Меѓутоа сепак е во оваа близина и сметам дека со археолошки истражувања може да се утврди. Инаку, истата девојка која некаде живее до 1840, има и официјален датум 27 септември, кога Христо Карев, чичко на Никола Карев прв пат решава од горното мало да појди во долното мало, во горното живее македонско население, во долното влашко население и кога здогледал прв пат куќа од тврда градба тука седела старица на 90 и кусур години. Кога ја запрашал за подробности од нејзиниот живот, таа му ја раскажала оваа приказна која тој подоцна ја раскажувал на Никола Киров Мајски. Таа вика кога се искачивме и спасивме на ридот, тоа е денешниот Врни Врв и кога погледнавме како гори селото, не ни беше жал за селото туку за нашата црквичка Св. Никола која беше многу убава и се намачивме да ја изградиме и ја спасивме престолната икона од црквата, која подоцна била закачена на крушата кај чешмата кај црквата Св. Никола, која што подоцна кога доаѓа влашкото население ја градат црквата од дрво, Св. Никола во Крушево околу која и се формира градот“, рече Богески, историчар.

 

После уништувањето на селото Стари Дол и манастирот Свети Никола кое се случува околу 1760 година, манастирот Свети Спас на ова место се обновил во 1836 година. Го обновува населението од околните места и сега формираниот град Крушево. Црквата нема живопис, има само една фреска на сводот Христос Пантократор. Нема активно монаштво, послдната монахиња која живеела тука, монахињата Херувима починува во 1988 година. Манастирот секогаш служел како пробежиште на четите и за време на Илинденскиот период, но и за време на НОБ. Овој манастир не е воопшто уништен за време на Илинденското востание, а како се спасил од тоа има интересни историски записи.

„Кога е настапувано кон Крушево, османлиската војска и пашибозук се плашеле да се движат низ коријата и се движеле по голиот дел, тогаш овој простор не бил толку обраснат. Има интересен настан, кметот на село Алданци, тоа е Синан Газија кој што на повикот на манифестот на крушевските комити и револуционери одговорил позитивно со писмо дека ја поддржал нивната борба. Кога видел што се случува, со свои галази дошол да го обезбедува манастирот и ја запоседнал северната порта која е зад нас со свои двајца луѓе и поставил на сите влезови и на јужната порта свои луѓе, така што кога муслиманското население од соседните села и башибузокот разбрале дека манастирот е богат, а навистина бил богат со имот, добиток и други црковни креди и сакале да опустошат и запалат, Синан не им дозволил. Секогаш кога имало обид да го пробијат тој им кажувал дека е спремен и животот да го даде за манастирот и долго време се расправало која била таа побуда што овој кмет решил да го заштити овој објект. Инаку тој долг период од неговиот живот после востанието на секој ден од манастирот, значи на денот Спасовден, доаѓал со поголем поклон во манастирот, а тоа е затоа што едно неговите деца која имало говорна мана, односно воопшто не зборувало, го оставил во олтарот и излегол надвор, а по извесно време детето го повикало. Од тој благодет кој го видел од тогаш имал посебен однос и пиетет кон манастирот и не дозволил да биде запален“, додаде Богески.

Денес манастирот е посетен со гости од цела Македонија кои преспиваат тука ии по неколку денови. Најмногу што ги привлекува посетителите секако е мирот кој што може да го најдат тука, прекрасната и недопрена природа и чистиот воздух.

Кажете ни како денес функционира манастирот Св. Спас?

„Денес манастирот функционира што идат луѓе од Прилеп, од околните села посетители, идат и со преноќување по 2-3 дена, некои седат и по 10 дена. Еве жените што ги имам тука седат 10 дена, во среда ќе си одат. Така функционира манастирот, за спиење земаме по 200 денари на особа, а за деца не земаме. Помош немаме од никој, од народот што ни оставаат пари, што палат свеќи“, рече Таки Колароски, дел од управниот одбор на манастирот Свети Спас.

Од каде доаѓаат гости?

„Најмногу има посетители од Прилеп и од околните села. Идат во викенд, некој со спиење, некој викендашки преку ден. Вчера имавме многу народ“, додаде Колароски.

Доаѓаат ли од други градови?

„Доаѓаат од Гевгелија, од Куманово, од Штип некни имав, од цела Македонија, од Скопје и тие што идат седат по цела недела до две. За храна одат или во Крушево или во Кривогаштани, имаме фрижидери каде ја ставаат храната за неколку дена, па пак одат пазарат“, вели Колароски.

Значи тука имаат кујна, можат да си спремат јадења?

„Да, имаме кујна, купатила, туш кабини“, потврдува Колароски.

Во секој соба има купатило?

„Не, купатилата се долу, вода има во кујните, имаме соларни системи, сакаат топла, сакаат ладна, можат и да се тушираат кога сакаат“, рече Колароски.

Колкав е капацитетот на манастирот?

„Капацитетот е околу 120 гости, за спиење“, истакна Колароски.

Колку слави имате годишно?

„Годишно имаме 3 слави, првата ни е Марија Магдалена Египќанка, таа е пред Великден, посна слава. Главната слава ни е Св. Спас на Спасовден, тогаш иди многу народ и тогаш се готви, навечер се прави гравче бидејќи е среда, а четвртокот јавнија се прави со телешко. Што ни носат за здравје јагниња ги колиме и ги пуштаме на печење, па ги враќаме назад и после јавнијата делиме и печено јагнешко“, вели Колароски.

Колку гости доаѓаат за главната слава?

„За главната слава идат до 1.000 луѓе, иди многу народ, идат од секаде“, кажа Колароски.

Се пријавуваат домаќини?

„Да, се пријавуваат домаќини, годинава имавме 9 домаќини. Исто и в година имаме 9 домаќини пријавено. Последна слава ни е во октомври за сите македонски светители, таа иди некаде од 4 до 6 октомври, тие денови“, потенцира Колароски.

 

Тука е зачувана и собата каде престојувала последната монахиња која живеела тука, монахиња Херувима, која починала во 1988 година.

На само 2 км. од манастирот Свети Спас, се наоѓа манастирот посветен на Свети Василиј Велики. До него патот не е асфалтиран, но сепак се стигнува со автомобил, не е потребно да се има исклучиво теренско возила.

Се наоѓаме на 2 километри јужно од манастирот Св. Спас што имавме можност претходно да го погледнеме. Тука на ова место каде што се наоѓаме, веднаш позади нас е црквата Св. Василиј, денес манастир. Како што спомнавме во минатото тука се наоѓало селото Трстеник кое е запалено за време на востанието 1903 година?

„Да, ова е просторот на селото Трстеник кое настрадало при завземањето на Крушево и напредување од подножјето и од Пелагонија на османлискиот аскер. Село со име Трстеник во материјалите се спомнува исто така како што споменавме за манастирот Св. Спас од 15 век, но навистина е многу тешка неговата улпикација, бидејќи на овој простор во прилепскиот регион постојат повеќе села кои го носат тоа име. Она што знае, првично селото било во подножјето, меѓутоа поради напади и пљачкосувања неколку пати селото е преместено на самата падина од планината и тука е изградена селската црква Св. Василиј. За нејзе нема податоци кога е изградена, најверојатно тоа се случувало, ако компаративно се набљудуваат работите, кон средината на 18 или можеби текот на 19 век.

Според една плоча во црквата, која е пронајдена при обновата, старата црква е осветена некаде во 80тите години од 19 век. За самото село попрецизни податоци се најдуваат во статистиките на Андријапол, Манастир и Селаника публикува 1878 година, а се однесува на 1873 каде што се споменуваат 65 домаќинства, односно 65 глави на домаќинства како македонско население, иако селото важи за влашко село. После овој податок сите податоци укажуваат дека станува збор за влашко село, село со влашко население кое што се занимавало претежно со калајѓиство. Наредните податоци се од Васил Кнчов и зборуваат за 95 домаќинства, а според Никола Киров Мајски кој ги дава во брошурата „Крушево и неговите борби за слобода“ публикувана во 1935 година станува збор за село со 6 влашки куќи.

Инаку според конзулските извештаи при напредувањето на аскерот и башибозукот кон Крушево, во овој дел е запалено селото Трстеник со кое настрадува и црквата Св. Василиј, кое се потенцира според името на светецот патрон. Живот во ова село после палењето е констатиран поединечно на поединци до текот на Втората светска војна. Црквата обновена, камен темелникот за обнова е поставен на 1 октомври 1995 година во формата во која денес ја знаеме и таа фактички е претворена во манастир, кој комплекс е се уште во фаза на оформување“, вели историчарот Зоран Богески.

 

 

Се наоѓаме во внатрешноста на црквата Св. Василиј Велики. Како што претходно споменавте, камен темелникот на оваа црква е поставен на 1 октомври 1995 година. Како денес функционира овој манастир?

„Функционира со 2 слави, на 13 и 14 јануари Стара Нова година, на 8 и 9 мај е Св. Василиј Алмасиски. Бидејќи во нашиот православен календар го немаше Острог за да го земат поповите,  па го зедоа Св. Василиј Алмасиски. Ги има 4 во цела година“, истакна Христо Галиманоски, дел од управниот одбор на манастирот Свети Василиј Велики.

4 слави имате?

 „Не, имаме 2, ние да знаевме Св. Василиј Остроски ќе го земевме. Св. Василиј Алмасиски е секогаш на 8 и 9 мај, вечерна и утринска служба. На 13 и 14 исто така имаме вечерна и утринска служба. Таа е најдолгата служба во годината за Василица, Св. Василиј Велики, бидејќи ја предава старата и ја зема новата година. Се чудат луѓето, верниците оти сме клечеле на коленици со попот, не виделе таква работа. Тогаш ја предава старата и ја зема новата. На 10 мај 2008 година е осветена. Еве 14 години поминаа, во 15 година влезе како е осветена од Митрополитот Петар“, вели Галиманоски.

Имате моментално и конаци.

 „Моментално имаме 6 соби, 5 се пуштени во употреба, 6тата како магацин ја користиме. Имаме голема трпезарија за преку 100 луѓе да седнат да јадат. Имаме и помошна кујна за нас вработените што идеме овде, останавме уште двајца. Имаме веце и купатило“, рече Галиманоски.

 Се наоѓате на 2 километри близина на манастирот Св. Спас. Таму доаѓаат голем број на туристи, како е тука посетеноста?

 „И тука идат и посетуваат туристи, секој од луѓето за маката своја. Во овие 27 години што сум јас овде во СВ. Василиј Велики, разбрала некоја стара баба во Скопје, снаата 5 години немала плод. Разбрала од некои луѓе, од светата вода од Св. Петка и крстената вода од Св. Василиј да им однесам по 2 шишиња на таа жена да и ги предадам, а потоа по 1 година снаата останала бремена и родила девојче“, додаде Галиманоски.

Продолжува неговата изградба?

 „Продолжува, ете ѕидот надвор, конаците се направија, бехатон коцки имаме за патека, само струјата ни е проблем. Струја, осветлување да има да може да седат луѓе, да се истушираат“, истакна Галиманоски.

Она што е интересно да се каже за овој манастир е и тоа што во неговиот иконостас се поставени дел од дрвените резбарени столбови од иконостасот на црквата Свети Никола во Крушево која била запалена и уништена за време на Илинденското востание.

Манастирите Свети Спас и Свети Василиј со својата убавина и историја секоја година се причина овој предел да биде посетен од илјадници посетители како од Македонија така и од странство.

Ова видео е дел од рубриката Збор 2 на порталот Инфо Компас, поддржано од Министерството за култура, во програмата од национален интерес во културата, од областа на музејската дејност и заштита на нематеријалното културно наследство, за 2022 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи