ВИДЕО – Временската капсула на Јане Андре од Крушево, зачувал една соба во куќата иста како што била пред 130 години


Можеби многумина од вас се прашуваат како изгледала една стара градска македонска куќа пред повеќе од 130 години, како изгледал мебелот, какви биле килимите, завесите, лустерите, како биле насликани таваните и ѕидовите? Денес имаме навистина уникатна можност да се вратиме буквално назад во времето. Се наоѓаме во Крушево во домот на господинот Јане Андре кој дел од оваа стара куќа го зачувал како вистинска временска капсула. Денес господинот Андре реши овој негов мал приватен музеј да го отвори за очите на пошироката македонска јавност и верувајте навистина има што да се види.

Навистина интересен дом, зачуван буквално како во времето пред 100 и кусурот години?

„131“, вели Јане Андре, сопственик на куќата.

Точно 131 година?

„Точно 131 година“, додаде Андре.

Кој ја изградил оваа куќа?

„Прво да го преставам семејството, вие се најдувате овде во куќата на семејството Андре која што е градена 1891 година и веќе јас сум 4 генерација сопственик на куќава. Се трудиме да ја зачуваме автентичноста на куќава, затоа што навистина грев би било ваква една убавина да пропадне. Инаку куќава ја има градено, ќе ви покажам сега во собата“, вели Андре.

Точно може да видиме како изгледала една македонска градска соба.

„Куќава ја има градено и првиот сопственик е Коста Андре, трговец од Крушево“, кажа сопственикот Јане Андре.

Ова е вашиот прадедо?

„Ова е прадедо мој, на татко ми дедо. Инаку тој бил трговец кој тргувал со богатите Евреи дури од Виена и за него има еден куриозитет со кој јас можам да се гордеам дека пред 1903 година е опериран од катаракта во Виена. Замислете кога било тоа и во кое време се случувало. Инаку куќава, според кажувањата на професор Најденов, сега јас не сум стручен по таа проблематика и не можам да дадам некоја оцена, но овде идеше кај нас професор Најденов од Архитектонскиот факултет од Скопје и земаше примероци од малтарот од куќава. Тоа било некоја емулзија од врела вар, јајце и вино, кажуваше професорот дека тоа е еден многу цврст материјал, а за самата градба, пак се оградувам, по негово кажување дека е англиски тип на колонијална куќа. Куќава е троспратна, имаме подрум и два спрата. Оваа соба каде што се најдуваме тоа е главната соба во куќава, што по нашиов крушевски дијалект велиме арната одаја“, додаде Андре.

Зошто арната?

„Затоа што сите настани во куќава, главните настани во куќава се случуваат овде“, вели Андре.

За арно за убаво?

„И за арно и за лошо. Овде прво се носи бебе кога ќе се роди, овде се склопуваат веридби, од овде излегува невестата, за жал овде и одарот некој кога ќе почини, така да оваа соба е најглавната соба во куќава. Колоритот на куќава е многу битен заради тоа што куќава има една симболика. Видете сега овде горе на таванот имате лик, после ликот доаѓаат пченка, грозје, дињи и лубеници и третиот ред е птици. Симболиката е во куќата да има луѓе, да има дар и бериќет и да има радост. Но имало и тага и радост“, кажа Андре.

 

Рековте дека ова вашиот прадедо Коста?

„Да тој е газдата на куќава“, истакна Андре.

Од другата страна имате и една друга фотографија на еден војвода. Кој е овој?

„Комита Ставре Андре, инаку првиот секретар на Питу Гули кои загинаа заедно 1903 на 12 август бранејќи ја Крушевската Република на Мечкин Камен“, рече Андре.

Каде е фотографирана?

„На Мечкин Камен“, вели Андре.

Точно на Мечкин Камен?

„Точно на Мечкин Камен, 2 дена пред битката е снимена оваа фотографија. Оваа фотографија е гордост на семејството наше затоа што сме се вградиле во државава со жртва за некој просперитет за државава. Исто имам чичко, брат на татко ми, па тој е загинат на Караорман, имаме уште еден чичко исто брат на татко ми со споменица од 1941 година“, додаде Андре.

Значи вашата фамилија учествувала за слобода на Македонија од илинденскиот период па преку ослободителната борба до денес?

„До денес, јас се гордеам со моите корени, со моето семејство затоа што ние сме лојални граѓани на оваа држава и така ги учиме и децата“, изјава Андре.

Во претходната соба, главната соба на оваа куќа имавме можност да ги видиме и вашите предци кои се бореле на Мечкин Камен во битката против Османлиите, а тука имаме една фотографија на ваш роднина кој се борел, како што кажавте за време на народноослободителната борба?

„Да, ова е чичко ми, брат на татко ми, Кочо Андре кој загина 1944 година во септември месец на Караорман, инаку е една болна точка во семејството наше затоа што прво е убиен во повлекување и не успеале да го погребаат, така да се случило тоа што се случило, дивината си го направила своето. Но една друга работа има, ако некој за време на бугарската фашистичка окупација бил тепан и мачен, тоа бил овој. Така да према него имаме еден посебен респект“, вели Андре.

Значи доживеал вистински страдања?

„Страдања и тоа голготи, незамисливи голготи има видено, може да замислите кога маж од 21 година кога го зеле од полиција го товариле на коњ бидејќи не можел да стои на нозе“, истакна сопственикот Андре.

Од брутално тепање?

„Од брутално тепање, од таканаречениве администратори денешни, од бугарските фашите, на сите да му биди јасно дека немало администратори“, потенцираше Андре.

 

„Кога сме кај описот на семејството, ова е другиот брат на семејството, Мите Андре кој беше учесник во народноослободителната борба и од неа излезе како носител на партизанска споменица 1941, за жал почина во Скопје многу млад на 49 години како директор на Електродистрибуција во Скопје. Инаку човек доста заслужен за време на народноослободителната борба. Нашава фамилија од секогаш учествувала за тој македонски прогрес, борбата бара жртви, несреќата наша е што биле нашите, ама некој морало да биде“, рече Андре.

„На самиот почеток пропуштив да ви кажам дека куќава ја има градено тајфата од мајстори кои го имаат градено рускиот конзулат во Битола. Значи дедо ми бил газда кој барал мајстори да му изградат една квалитетна градба, што гледате дека и после 131 година изгледа прекрасно“, раскажува Андре.

Дали имате интервенирано во оваа куќа?

„Ништо не е доградувано, ова што го гледате и таваните ништо нема чепнато. Е сега дрвенаријата нормално дека треба да се одржува, треба да се фарба, ама тоа е надвор од автентиката. Но модерните времиња си го прават своето, така да и ние нешто имаме ново ставено, тука се и децата кои некогаш бараат да се прилагоди нешто по нивните потреби“, вели Андре.

Гледаме дека куќата е градена некако интересно, на нивоа?

„Да, на нивоа е куќата градена, најдолу имаме простории две, двете се 14 метра долги и 4 метра широки. Тоа се оставите долу кои служеле на времето како некој си фрижидер, затоа што во лето е многу ладно долу, а во зима е топло. Куќава е изградена од камен“, вели Андре.

Дали овој стил на градба бил карактеристичен за цело Крушево?

„Не. Професорот Најденов кажуваше дека ова не е карактеристика на македонската архитектурам туку е англиски тип на колонијална куќа. Е сега што подразбира таа работа јас не се впуштам да ви кажам затоа што во таа работа сум тотален лаик и не би си дозволил да коментирам нешто што не ми е познато“, истакна Андре.

Она што е интересно да се забележи кога човек седи во оваа соба е дека нема оџак. Како тогаш се топлеле пред 130 години?

„Ова е гостинска соба, овде не се престојувало многу, но кога веќе имало луѓе се топлеле со мангал на жар и има овде на ѕидот една кука на која се обесувала газиена лабма или онаа ламба што ја викаат со чорапче во фенер и така се осветлувало. Инаку немало многу престој, оваа соба се користела за исклучителни настани во семејството“, рече Андре.

Карактеристични за Крушево се и таканаречените визити или имиња и пречекување на гости. Тие се вршеле во овие соби?

„Овде, сите имендени овде ги пречекувавме гостите. Затоа велам во исклучителни случаеви сме ја користеле така помасовно, инаку кога ќе дојделе гости како вас сме ги носеле секогаш тука“, вели Андре.

Кога станува збор за имендените, луѓето се послужуваат со разни сокови, слатки, благо, овде имаме една табла и сигурно со неа?

„Оваа е на мајка ми, мајка ми и баба ми послужуваа за имендените и интересно е што овој послужавник или табла што ја викаме ние е над 150 години во куќава“, вели Андре.

150 години стара?

„Над 150 години во куќава, гледате пишувано е на германски и донесена е од Австрија“, додава Андре.

Постара дури и од самата куќа?

„Да, постара од самата куќа, затоа што ние пред оваа куќа имавме друга стара куќа, оваа е поновата. Значи тоа било којзнае кога“, кажа Андре.

Од кога потекнува историјатот на вашата фамилија, кога сте доселени тука во Крушево и од каде?

„Нашава фамилија се доселени некаде околу 1769-1770 година од два дела, едните се доселени од Грамос, другите се дојдени од Николица. После зулумите на Али Паша Јанински во Северна Грција и Источна Албанија бегаат од тие напади и доаѓаат овде и така се формира Крушево. Инаку Крушево е многу интересно затоа што го формираат Мијаците од една страна, Брсјаците од долната страна и Власите. Едни ги донеле занаетите, други го донеле сточарството, третите ја донеле трговијата и така е направено Крушево како целина“, вели сопственикот Андре.

Крушево во тој период било за разлика од останатите градови една модерна градска целина која навистина била во својот развој далеку над останатите места?

„Има една многу интересна работа, Крушево пред востанието беше околу 16.000 жители. После опожарувањето има една миграција кон Софија, меѓу двете светски војни е втората миграција према Белград, после земјотресот во 1963 исто има една миграција и сега за жал има една огромна миграција, младите заминуваат затоа што овде нема работа“, кажа Андре.

Низ вашава куќа има навистина зачувано стари фотографии и слики, кои се овие личности претставени на нив?

„Во некоја рака куќава моја е некоја историја, има од различни временски периоди. Инаку овој е мајсторот Шкодреану, наш комшија овде кој што го изработил целиот молерај, сето бојадисување што викаме ние по крушевски бојаџијата и откако завршил со работа си направил еден автопортрет и го оставил тука за спомен да се знае кој го правел молерајот. Тој бил газда, што би се рекло денес претприемач, инаку имал фантастична екипа кои работеле во Грција, во Александрија, работеле на времето во Египет. Има една интересна работа дека прадедо мој по баба ми, татко на баба ми,  тој бил Михаил Хаџибуша и заедно со Василаки Коци биле 28 години, едниот чевлар другиот шнајдер на дворот на кралот Менилик во Етиопија и од таму тие го донеле ловот во Крушево, оти дотогаш за лов во Крушево не се знаело“, додаде Андре.

Дали вашите деца, внуци го сакаат ова што вие го имате зачувано и дали ќе продолжат и понатаму да ја продолжуваат оваа традиција?

„Сега ми поставивте едно прашање за мене многу тешко, затоа што моите деца, едната ќерка е во Америка таму живее, другата е тука и за жал многу ретко го посетуваат Крушево. Оваа што е во Скопје иди почесто, но тие од Америка идат еднаш на 3-4 години. Инаку нормално си ја сакаат куќата, ги влечи, тука се родени, тука им се предците итн., но јас живеам во Скопје со семејството, сега сум пензионер и од мај до октомври сум овде. Многу ме прашуваат од пријателиве до кога ќе седиш тука, додека го направам ајварот, откако ќе го направам ајварот ќе си одам во Скопје“, вели Андре.

 

 

Планирате и понатаму оваа соба да си остане ваква каква што е?

„Иста и на децата му имам оставено аманет, мене еден ден ќе ме нема, тоа е биолошка работа, но оставив збор аманет да ја чуваат куќава. Јас летово им ја реновирам тотално, само ова остана не, инаку другото фасади, дворови, се направив и нивно е да го одржуваат, од мене толку“, потецираше Јане Андре, сопственик на куќата.
Доаѓаат луѓе да ја посетат куќава?

„Многу често и ми е многу драго оти куќава не е само за мене, сакам да ја видат луѓето куќава, да понесат некој впечаток од Крушево, оти Крушево бил град, ние можеме да зборуваме колку сакаме ама Крушево бил град и се надевам дека таа и ќе остане. Се надевам дека еден ден младиве ќе разберат дека треба да се вратат и дека треба да продолжат тоа што го оставиле нашиве предци. Јас морав во Скопје да заминам заради тоа што останав без работа овде и морав да барам егзистенција, инаку да имав овде работа ни на крај на памет не би ми текнало да го напуштам градот, но животот си ги носи сите тие работи. Меѓу другото ми останува 5-6 месеци да си бидат во Крушево оти сум пензионер, а другите месеци пак еднаш месечно по недела дена идам овде за да си ги платам сметките. Тоа ми е изговор, инаку имам јас овде кој да ми ги плати сметките, ама си изнајдувам изговор да си дојдам овде една недела, така да тоа плаќањето на сметките ме кошта многу скапо“, истакна Андре.

Господине Андре Ви благодарам за разговорот и што ги отворивте вратите на овој ваш прекрасен стар дом и што еве на некој начин целата македонска јавност имаше можност да го види ова несекојдневно нешто, оваа временска капсула како што ја нареков на почетокот, зачувана соба буквално како што изгледала пред 130 години тука во Крушево.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи