Како да го биеме млекото? Уникатна манифестација во организација на „Слоу Фуд Прилеп“ денеска се одржа под Градскиот Саат. Целта на настанот е да им се даде можност и видливост на младите млекари, малите семејни сточарски фарми и нивните се повеќе уникатни сирења и млечни производи, како и тоа да промовира директниот контакт помеѓу купувачите и производителите, со избегнување на посредници. На таков начин купувачите ќе добијат поквалитетен и поефтин производ, а производителите пласман без проблем и поттикнување на развој на сточарството.
„Да се намали тој процес на патот на храната, едно е кога купуваме во маркет и не знаеме кој го произвел, како го произвел, каков е неговиот квалитет, од кое млеко е произведен, а кога имаме директен контакт со производителот имаме поголема доверба. А производиителот многу губи по патот на производството. Во трговијата, во маркетите, додека да стигне ние плаќаме виисоки цени, а потеклото и квалитетот не го знаеме“, истакна Филип Димкоски, член на Slow food Prilep.
Дел од производителите велат дека граѓаните знаат да препознаат што е квалитетно и голем дел од нив сакаат да купуваат само домашно.
„Се бара ова производство иако индустријата не потиснува со силни чекори, но има луѓе кои се уште го препознаваат домашното производство и што го бараат. Јас продавам исклучиво само за дома што си земаат луѓе“, рече Игор Попоски, изложувач на манифестацијата „Како да го биеме млекото“.
Македонија се соочува со намалување на сточниот фонд, се помалку млади се занимаваат со сточарство и доколку не се преземат итни мерки за спречување на овој тренд, ќе се соочиме со опасност од немање на сопствено производство на млечни производи.
„Се е скапо сега, луѓето се чудат кога ќе им кажеме цена 350 денари за 1 кг. ама додека се дојди кај сирењето е скапо, со клима со се. Тешко е“, додаде Арбана Марковска, изложувач на манифестацијата „Како да го биеме млекото“.
„Ситуацијата не е сјајна, имаме големи давачки, се работи помалку земја, немаме доволно земја, алати, машини, немаме доволно луѓе“, кажа Соња Тодороска, изложувач на манифестацијата „Како да го биеме млекото“.
Освен сирење на манифестацијата беа изложени и производи кои одат во комбинација со него, како вино, домашна ракија, ајвар, мед и друго.
„Потребна е поддршка бидејќи навистина има голем интерес од малите земјоделски стопанства да произведуваат и да бидат поттикнати пред се заради тоа што пласманот е голем проблем. А е проблем затоа што е потребна соодветна амбалажа која ние ја немаме. Во однос на цените можам да кажам дека во ова турбулентно време, во однос на инфлацијата не може да се најде некој мунасип на цените, но некако се прилагодуваме за да може да биде исплатливо и за оние што им треба и ние што нудиме“, кажа Гордан Цветаноска, изложувач на манифестацијата „Како да го биеме млекото“.
Се одржаа и дебати и дискусии за тоа како каква е патеката на сирењето од пасиште до трпеза, но и како да го валоризираме биеното сирење, пред да го изгубиме.