ВИДЕО – Абрашоски: Комуналец треба да плати 100.000 евра за две метларки кои никогаш не ги добил


Денеска ќе ја запознаеме јавноста со недомаќинското и неодговорно работење на претходните  раководства, и како СДСМ ја практицирала власта на локално ниво, со што во моментов се доведува во прашање финасиското работење на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, истакна на денешната прес конференција Рубин Абрашоски, директор на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.

„Имено, се работи за Налог за извршување, примен во „Комуналец“ на 5.08.2022 година, за не прифатени фактури  и не примена стока од оперативно техничкиот оддел, каде претпријатието се  задолжува да исплати 5.971.860, 00 денари, за две половни возила за метење и чистење на улици. Апсурдот да биде поголем, метларки немаме, пари за исплата имаме. Односно склучениот Договор за  јавна набавка  од  15.08.2018 година, помеѓу добавувачот и „Комуналец“ не бил  раскинат согласно одредбите од договорот, а по основ на Записник за констатирана неисправност од 24.07.2019 година. Комисијата составена од вработени во „Комуналец“ и овластен сервис, констатирале дека истите не се во функција и не треба да се примат.

Да кажеме дека јавното претпријатие нема требовање, нема приемница, не прифатило фактури, ниту ги прифатило неисправните метларки предмет на јавната набавка, а добива Налог за извршување. Прашуваме, зошто претходните раководни лица на „Комуналец“ не го заштитиле имотот  веднаш по констатираната несиправност, не презеле правни дејствија и не го раскинале Договорот за јавна набавка, со што во моментов на претпријатието му се товарат дополнителни 100 илјади евра?

Апсурдот да биде уште поголем фактурите кои се со датум од 30.11.2018 година, не се примени со архивски број од „Комуналец“,  а платниот налог е од 01.11.2021 година, односно три дена пред да истече рокот од 3 години,  согласно Законот за облигациони односи, или, веднаш по завршувањето на Локалните избори. Што го побрзало толку добавувачот по губењето на власта на локално ниво, па во краток рок  извршуваат неколку парвни дејствија, со што го доведуваат во  финасиски колап јавното претпријатие, покрај сите други натоварени тековни обврски.

Од страна на вработен во „Комуналец“, направен е Одговор на  платниот налог, каде случајно, или намерно, истиот е поднесен без адвокатски печат и потпис, и како таков е доставен до Основниот суд, каде судот го отфрла  како неуреден. Против вработениот се преземени сите правни дејства за одговорност.

Останува одговорноста за недомаќинското и неодговорно работење на претходните директори  на „Комуналец“, за која не ја знаеме позадината за ваквата спорна набавка, со која на ,,Комуналец’’, му натоварија уште еден камен околу вратот или 4.115.840,00 денари главен долг на неисправни метларки кои не се впишани како основни средства на претпријатието, камата на главен долг од 818.106,00 денари, и процесни трошоци од 41.426,00 денари, односно повторуваме безмалку 100 илјади евра“, рече Абрашоски.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи