ВИДЕО – „Бавчика“ – новиот прилепски бренд на еко производи кој за само 1 година ги освои купувачите


Нашата екипа ова утро се наоѓа во едно прилепско село, селото Мало Коњари. Оддалечено е од градот 7 километри и ова село е познато во македонската јавност како селото на Силјан Штркот од приказната на Марко Цепенков. Но ве уверувам дека и во иднина ова село ќе биде познато, а ќе биде познато по еден нов бренд кој што се создава тука, а го создава една наша колешка Гордана Цветаноска, новинар,  која освен со новинарство пред една година започна активно да се занимава и со земјоделие. Така го создаде својот познат бред „Бавчика“, кој содржи широк спектар на македонски традиционални рецепти. За што точно станува збор ве поканувам да погледнете.

Добар ден Гордана.

Добар ден.

Како сте?

Добро е, работно.

Ова се ваши пиперки?

Ова се наши пиперки, произведени тука во нашата бавча и во нашиот двор практично, бидејќи ова сето е наш двор и наша бавча.

Неодоливиот мирис на печена пиперка кој потсетува дека веќе е крајот на летото и почнува есента, а со тоа и подготовката на нашите традиционални рецепти како што најавив претходно, односно ајвар, лутеница, малиџано и многу други.

Да, точно. Пиперката е при крај, доматите веќе завршија бидејќи ние се произведуваме на отворено, но сега е најслатката пиперка и се прават најслатките специјалитети од нашите мајки, баби и токму заради тоа ние сега забрзано работиме.

Како што кажав, вие сте новинар, но исто така се занимавате и со земјоделие. Започнавте пред една година. Вашиот бренд се вика?

Брендот е „Бавчика“. „Бавчика“ заради тоа што се доаѓа од нашата бавча и „Бавчика“ затоа што сакавме да асоцира на нешто традиционално како бавча и заради тоа што сакавме да асоцира и на нешто еколошко, бидејќи нашите производи од нива па до трпеза се сосема еколошки. Не би рекла органски, бидејќи немаме сертификат за органско производство, тоа е само заради сертификатот, но инаку се еколошки без апсолутно никаква хемикалија при производството и во преработката при конзервирањето на нашите производи.

Како што кажав и на почетокот, вие сте новинар. Како се најде тој спој помеѓу земјоделството и новинарството?

Значи јас сум од Мало Коњари, тука учев, тука живеам и од тука сум. Јас од секогаш сум ја почитувала природата, а тоа чувство за почитување на природата и тој став да се има човечки, хуман став кон природата сум го имала од секогаш, а уште повеќе го надоградив кога живеев 10 години во Австралија. Исто така низ работата како новинар се уверив во моите ставови дека треба навистина да се грижиме за природата. Кај нас во Македонија многу малку тоа за жал се прави и не се почитува, а земјоделците јас ги разбирам зошто тоа го прават, бидејќи сакаат што е можно повеќе да извадат од една нива, од еден декар, значи поголем принос. Но верувајте дека доколку се почитуваат правилата на природата, а сигурна сум дека вие како новинар ќе се согласите со мене, ако им се даде додена вредност како што е ова сега, од нива до трпезарија, до маса да биде сето природно и без хемикалии, може да се добие повеќе. Но за тоа ќе треба и дополнително здружување, да речеме сигурно ќе треба поголема помош од државата, затоа што треба некогаш и поголема едукација и информација, на таков начин тоа би се направило, не е само желба.

Да за тоа ќе поразговараме малку подолу во разговорот, додека сме кај вашето претставување малку мина знаат дека освен новинар и земјоделец последниот период, вие сте биле и ракометар, спортист, така што вашето мото, вашата девиза во здраво тело здрав дух сега ја пренесувате на малку поинаков начин, односно со конзумација на здрави и еколошки производи.

Спортот исто така беше дел од тие скалила за човек да осознае нешто што е многу важно или најважно за животот, бидејќи не е исто доколку пиете одредени сокови кои што имаат хемикалии во себе. Доколку земате здрава храна како јаболко или слива произведена на еколошки или органски начин тоа на вашето тело ќе му даде дополнителна енергија, односно она што се бара за спортистите. Јас кога спортував во 80-тите и 90-тите години во гигантот „Тутунски комбинат“ тогаш, гигант и сега но не во таа смисла кога зборуваме за спортот, навистина се обидуваа нашите тренери да ни воспостават еден режим на здрава исхрана, што пак како резултати на тренинзите и натпреварите имаше навистина големо влијание. Бидејќи реков не е исто да се храните со овие сега што се препарати модерни, сега ајде има доопинг контроли па може тоа да се провери, тогаш немаше, но благодарение на тренери кои тогаш не воспитуваа и на некој начин ни влеваа дополните љубов кон природното и таа природна енергија која што секој производ треба да ја има, тоа се всадило во мене и еве сега прерасна во нешто сосема ново, кое што се надевам дека од наредните години што доаѓаат ќе се надограва дополнително.

 

Мирисот на печените пиперки навистина барем за мене е опоен, дали денес ќе имаме ајвар?

За ајвар требаат два дена. Зошто два дена, бидејќи првиот ден се печат пиперките и тие треба да се исцедат преку ноќта, најдобро е за да нема вода во она што потоа се преработува и потоа другиот ден се мелат и се пржат.

Значи сега имаме само печење?

 Денеска е ден за печење пиперки, а веќе утре ајварот овде и ќе се меша во поголема шерпа.

Значи да се вратиме утре? 🙂

Може, а можеме и да пробаме сега.

Имате на залиха?

И лут и благ.

Добро, ние на старт на разговорот да си кажеме дека без да пробаме од вашите производи нема да си заминеме. Да не биде дека не сме кажале. 🙂

Ние нема да ве пуштиме. 🙂

Веднаш позади нас се наоѓа бавчата, односно местото од каде доаѓаат тие земјоделски производи и ги произведувате вашите традиционални македонски специјалитети. Колку декари има и што имате засадено?

Ова овде кај го викаме расадник, иако тоа не е сега расадник. Пред 30-40 години тука мојот дедо имаше голем расадник од јаболка и сливи кои ги продаваше на градскиот пазар во Прилеп. Тој тогаш беше првиот производител на јаболка од Пелагонија, другите доаѓаа од Ресен. Јас како мала со него сум присуствувала на пазар, но потоа кога веќе не можеше да се одржува тој расадник, тука сите тие јаболка беа искорнати и се прилагоди површината за нешто друго. Сега тука ние произведуваме бавчанџиски работи, тоа се пиперки, домати, хељ, прокељ, компири, пченка и грав. Имаме и мал расадник во кој има од се по нешто, а тоа се јаболка, сливи, кајсии, лешници, бидејќи препознатливи сме тука во регионот и по лешниците. Имаме од се по нешто, пред се за своја потреба, а од годинава и за потребите на „Бавчика“ за да може она што се произведува тука понатаму да се конзервира и да се преработи за тие што сакаат да купат од оваа кујна на „Бавчика“.

Колку производи имате во вашата лепеза?

На почетокот како што пристигнуваа производите, како созреваа така и ги правевме и ги конзервиравме. Започнавме со доматите, тие први стигнаа, така што имаме сок од домати, сос од домати „Доматино“ кој е навистина убав сос и може веднаш да се употребува.

Малку италијански звучи. 🙂

Се уште немаме наше име, а треба да се погрижиме наше да биде името. Потоа доматите се употребуваат за правање на лутица, тоа е препознатлив исто така рецепт во цела Македонија. Лутица, ајвар благ и лут. Понатаму мармалади, бидејќи веќе реков имаме од сливи, од кајсии мармалад. Ќе се прошируваме како стигнуваат производите, а тоа ќе значи еден специјалитет кој се вика печи-гмечи, интересен е називот, кој се прави брзо, а е многу вкусно за јадење, особено кога има мевце печено.

Колку луѓето ги бараат овие ваши еколошки производи?

Јас се изненадив колку ги бараат, тоа значи дека луѓето се информирани дека хемикалиите му штетат на примарното земјоделско производство. Искрено не се надевав дека ќе има некој голем одзив, но ајде реков да пробам, да експериментирам, мислејќи дека на таков начин ќе си ја пробам среќата. Се установи дека луѓето прават разлика меѓу тоа што е домашно произведено за своја душа, што значи без никакви заштитни средства и хемикалии, дека не е исто со она што тие до лани го купувале од пазарот на големо, зборувам за пиперки, домати и сите земјоделски производи. Има многу голем интерес, така што мислам дека оваа година јас нема да можам да одговорам на сите барања и побарувања од оние кои слушнале за „Бавчика“ било на каков начин, а сега најмногу преку социјалните медиуми и правам список на луѓе кои бараат пиперки, домати. Доматите веќе завршија, но од производите кои се веќе на лагер. До кога што има ќе продаваме, другото за в година списокот ќе важи.

Каде го продавате, дали надвор од Прилеп во другите градови има побарувачка?

Има побарувачка, најчесто во Прилеп бараат од свежите производи, има дел и од преработени. Со оглед на тоа дека Скопје е далеку за транспорт, еве особено зборувам за доматите, само да ги пренесете од едно на друго место се оштетуваат, не е препорачливо да се пренесува свежо. Затоа пак конзервираните во Скопје ги бараат многу. А многу е важна доверба, за да се стекне довербата им праќа примероци да ја почувствуваат која е разликата и веднаш потоа следи побарувачката и тоа што им треба.

Колку мали стопанственици како вас се јавиле во последниот период, дали има тренд на создавање на вакви мали земјоделски стопанства?

Има и мислам дека ова можеби ќе биде повод за некакво здружување. Заради тоа што луѓе што ги познавам тука од прилепско многу ја поздравија идејата и она знаете некој кога ќе дојде, како ви текна идеја за да правите такво нешто. Реков тоа беше чисто инспиративно како идеја, мислам дека тоа е моментот каде на некој нечин би можеле да се здружиме за в година, посеопфатно, пошироко здружување.

Како вид на задруги некои?

Како вид на задруги или некакво здружение за да можеме заедно и во примарното производство и во преработката да настапуваме, со тоа што ќе се знае дека стекнатата доверба од „Бавчика“ дека нема хемикалии и дека е еколошко производство ќе се користи и понатаму во наредните чекори. Тоа го осознав на саемот што беше сега во Прилеп, колку луѓе дојдоа, ја поздравија идејата и на некој начин индиректно и се пријавија да учествуваат во едно такво пошироко здружување.

Кога го спомнавте саемот, за тие што не се запознати, станува збор за саем на Slow food Македонија и Slow food Прилеп кои организираа еден настан „Како да се бие млекото“, кој беше посветен на производството на традиционалното биено сирење тука кое е познато во прилепскиот регион, но беа изложени и производи кои одат во некаков сооднос кога се конзумира сирењето, а едни од нив се и овие традиционални ајвари, малиџана, домати итн. Исто така и вие имавте тука штанд. Она што мене ми се допадна и беше изложено е тоа дека треба да се зголеми таа конекција помеѓу купувачот од една страна и малиот производител од друга страна. Сега имаме и трета страна која се вмешува во целиот тој процес, односно препродавачите кои користат и од купувачите, односно граѓаните и од самите производители. Така да ако еден купувач директно стапи во контакт со вас, знае со каков квалитет располагате, знае каков производ ќе купи, но исто така сигурно цената ќе му биде и него поволна, но и нас вас, затоа што сега профитот го зема трговецот.

Точно така, јас мислам дека навистина голем дел во моментов отпаѓа на трговците и треба не да се прескокнат, но да се најде некое решение со кое што на земјоделците ќе им се исплаќа да произведуваат, и на оние кои тргуваат со тие производи и на крајниот потрошувач, во случајот преработувачката индустрија. Во моментот можам најотворено да го кажам, бидејќи ја следам таа област како новинар со години, а пак сега еве и директно сум во контакт со тоа, оваа година особено земјоделските производители се во многу незавидна положба бидејќи нема сектор во земјоделието во Македонија каде што се борат да си ги вратат инвестициите кои ги направиле без оглед во кој сектор од земјоделството станува збор, овоштарство, лозарство, оризопроизводство, тутунопроизводство, овие бавчанџиски работи, градинарски работи исто така. Ако земете дека откупот на пиперката ајварка во моментот е околу 20 денари за први и втора класа заедно, тоа е многу малку. Тоа не се исплаќа да се произведува и верувајте дека до година како трендот на намалување сега оди навистина надолу, уште ќе се намалува тој број на производители кои своето производство сакаат да го продадат на регистрирани откупувачи, затоа што прво немаат гарантирана цена и второ никој од тие што откупуваат не земаат во предвид колку земјоделците вложуваат во тоа производство.

Значи во време на светска криза за храна, кога Македонија поседува прекрасни услови за одгледување на истата и бројни сончеви денови и доволно врнежи и одлична почва, ние се наоѓаме во една незавидна ситуација, буквално земјоделскиот сектор да опаѓа во поголемиот дел од гранките, вклучувајќи го тука и сточарството?

Сточарството најмногу. Ако ви кажам дека Мало Коњари беше прилепско село препознатливо по млеко, по производство на млеко и млечни производи, сега можам да ви кажам од 200 куќи колку што има во селото, ако има вкупно 10 куќи кои имаат крави, го продаваат тоа млеко или преработуваат производи. Многу малку. Овци скоро и да нема, ако има само едно семејство кое се уште одгледува овци, а додека бевме мали, додека растевме тука не можеше да се помине од крави, од овци, секоја куќа имаше или крави, или овци, или и едното и другото. Ако зборуваме за млечното производство, за сточарството, ако продолжи овој тренд нема ни тие да ги има, тоа сигурно ви тврдам затоа што едноставно не се исплаќа, затоа што државата увезува млеко, дури и млеко во прав, индустриските капацитети произведуваат сирење како што произведуваат, и самите знаеме колку е тоа природно и еколошко и дали е тоа од нашето македонско млеко, така да и сами сте сведоци во последно време информацијата е дека за многу кратко Македонија нема да има доволно млеко за своите сопствени потреби.

Рековте дека на 12 декари се простира целата површина, колку е вкупно под бавча?

Под бавча е декар и пол, а има исто така и пченка половина декар и расадникот кој е на крајот тоа е исто половина декар. Останатата половина од тие 12 имавме пченица засеано која е веќе ожнеана, сега треба да се изора, исто така има и лешници колку овој расадник, тие се од нашето семејство, но од мој братучед.

Што е останато да се собере сега, кои култури?

Па сега има уште прокељот да се собере го гледам тука, има разни сорти на пиперка, ајварка, лути, везарни, бабури, сомборка, неколку сорти, потоа имаме есенска зелка, модри патлиџани и од прилика тоа е. Кочаните треба да се соберат, гработ треба да се искорни, да се среди.

Значи практично нема што нема тука?

За расадникот пак да не зборувам, таму е преполно со овошје, има многу работа, но како што најавуваат со температурите тоа треба да заврши во текот на оваа недела, бидејќи во такот на наредната може да падне слана поради ниските температури. Така да од бавчата ако дојдевте наредната недела немаше да има ништо.

Гордана благодарам за овој разговор и за твоето гостопримство тука во твојата „Бавчика“ која имавме можност да ја видиме. Драги гледачи се надевам дека ве заинтересиравме со овој прилог и за тоа колку е битно земјоделието, колку е битно да се конзумираат здрави и еколошки производи наместо производи полни со хемија така да кажеме и се надеваме дека и вие ќе започнете на еден начин со водење на здрав живот и со купување на вакви здрави еколошки производи, а државата ќе го препознае овој тренд, ќе ја препознае оваа амбиција на овие луѓе како што е Гордана и дека ќе ги поддржи овие земјоделци и од година во година да ги имаме се повеќе.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи