ВИДЕО – „Вело тура за култура 2“ – промоција велосипедизмот и нашето културно наследство


И годинава по втор пат во Прилеп се одржа настанот „Вело тура за култура“ во организација на НВО ОРИОН Глобал заедно со здруженијата на велосипедисти од Прилеп „Маркови Точакџии“, „ПрилепНаТочак“ и голем број други вљубеници во велосипедизмот. Идејата на овој настан, кој е поддржан од Општина Прилеп и Заводот и музеј Прилеп е преку промоција на здравиот начин на живот, велосипедизмот, да се посети и да се промовира и нашето културно наследство.

Оваа година турата започна од најновата поставка на прилепскиот музеј – „Роднокрајно музичко творештво, која е единствена од ваков тип во Македонија. Во оваа поставка се изложени голем број лични предмети на Пеце Атанасовски, Влатко Стефановски, Нина Спирова, Селимова Желчески, Блага Петреска и голем број други музичари кои потекнуваат од Прилеп.

„Во оваа поставка има околу 200 предмети кои се од познати музички дејци, некои од нив се се уште живи и со радост ги донесоа своиите предмети и се верни наши пријатели. А додека други, на кои што можам да им оддадам огромна почит нивните роднини и пријатели, семејствата ги донесоа предметите и нивните витрини се исто така изложени тука. Таа ќе се надоградува и проширува, со дел од музичарите не можевме да стапиме во контакт, а можам да ги споменам Лена Трајкоска, Властимир Николоски, дел од музичките групи како што се ДОРЕМИ и „Весели прилепчани“, но во иднина овој проект се надеваме дека повторно ќе го одобрат и оваа поставка ќе се прошири за уште ¼ од севкупниот материјал кој што во моментов е изложен тука“, истакна Лилјана Неделкоска, библиотекар во Завод и музеј Прилеп.

Турата од тука продолжи кон селото Долнени каде учесниците на овој настан ја посетија Спомен куќата на Пеце Атановски, најпознатиот македонски гајдаџија, основач на фестивалот за народни песни и инструменти кој во тоа време се викал „Марко Цепенков“, а по неговата смрт го добива неговото име „Пеце Атанасовски“.

„Инструменталист, играорец, песнопоец, предавач на разни семинари во Македонија и странство кој оставил длабокии траги кои ќе се споменуваат со години. Фестивалот ова го негува веќе 20-тина години, да биде ова еден Спомен дом за се она што Атанасовски го работел и сите оние кои оставиле трага во овој фестивал и што биле соработници со големиот Пеце Атанасовски, сето тоа може да го погледнете во оваа Спомен куќа, едноставно да ве врати во времето“, додаде Горан Василески, секретар на Фестиивалот „Пеце Атанасовски“.

За да атосферата биде комплетна се слушна и звукот на гајдата. Организаторите велат дека ова е една иницијатива со која се сака да се направи нешто повеќе Општина Прилеп.

„Само преку заедничка акција, кое што е и мотото на ОРИОН Глобал, дека мора да ги вклучиме граѓаните директно во акција, само така може да направиме нешто за да ја афирмираме општината, презентираме и превенираме културата. Овој проект е поддржан од Општина Прилеп која го препозна потенцијалот на организацијата за организирање на вакви настани, а граѓаните како и лани и оваа година ја прифатија идејата да бидат дел од еден ваков проект“, изјави Мартина Билјаровска, ОРИОН Глобал.

Турата од Долнени продолжи кон најуникатниот музеј во Македонија, а тоа е Музејот за тутун, кој што е еден од трите најголеми вакви музеи во светот. Тврди експонати има околу 1.200 предмети, изложени во витрините се над 2500, а вкупниот број на експонати кои ги поседува музејот се 14.000. Дел од овие лулиња и табакери ги поседувале едни од најпознатите личности во светската историја, кралеви и цареви од Европа, Русија и пошироко, а секој експонат има своја уникатна приказна.

„Музејот е формиран во 1973 година, а поводот е многу значаен 100 години од тоа како тутунот станува бизнис, градбата на камениот магацин и 400 години од како тутунот за прв пат е засаден на овие простори 1573 година во рамките на Отоманската империја. И од тогаш оваа збирка е поделена во неколку делови, индустриска збирка, збирка за уживање на експонати, народна манипулација и ликовна збирка со што музејот добива на големо значење. Се набавуваат и нови експонати, државата колку и да нема се грижи за набавката на експонати и овде има 4 или 5 витрини кои ги преконципиравме со новите експонати кои се купени во овие 7-8 години“, вели Сашо Цветкоски, кустос во Музејот за тутун.

Учесниците на турата велат дека овој настан треба да продолжи и во иднина, затоа што голем дел од учесниците на оваа вело тура, за прв пат ги посетија овие значајни музеи.

„Каде што ете многу од нас не биле, еве лично јас и предлагам во иднина да се спроведуваат и други вакви тури. Има интересни теми и работи кои треба да се дознаат, ги имаме во нашиот регион, а не ги ни знаеме“, изјави Филип Илиоски, претседател на здружение „Маркови Точакџии“.

 Организаторите планираат овие настани да продолжат и во иднина се со цел поголема промоција на нашето културно наследство.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи