ВИДЕО – Граѓаните: Не го продолжуваме достојно делото на партизаните, нема кој да ја води државата, историјата ја распродаваме, младите се иселуваат


Со импровизиран напад на градот и традиционалниот огномет вечерва во Прилеп ќе се одбележи 81 годишнината од подигнувањето на востанието против фашистичкиот окупатор. Револуцијата започнува со убиство на стражарот на бугарскиот Участак. Во истиот момент друга група пак на партизани го напаѓа затворот во Прилеп, а третата група ги прекинува телефонските врски и електричната инсталација, за да не може воениот гарнизон во Прилеп да биде информиран за нападот. 11 Октомври е симболот на македонскиот непокор и прво ослободително востание, кое на крајот резултирало со создавање на самостојна македонска држава.

Според историчарот Рубин Белчески вработен во Заводот и музеј Прилеп и кустос во Меморијалниот музеј партизаните многу добро знаеле за што се борат, а тоа е самостојна и независна македонска држава. Изјавите од типот дека Македонија ја измисли Тито биле провокации и невистини. Својот континуитет НОБ го има од Илинденскиот период,  а како доказ за тоа е што партизаните кои го нападнале Участакот се дел од одредот кој се вика „Гоце Делчев“, а голем број од нив имале прекари по нашите познати војводи и комити.

„Овие јас ги нарекувам втори Илинденци, многу добро знаеле за што се борат, секако ако оние Илинденции од 1903 се бореле во борбата со турскиот непријател за своја држава, за свои права, за своја слобода и државност, овие сакале да го остварат истото. Не случајно давале имиња од илиндскиот период. Јас го споменав одредот „Гоце Делчев“, битолскиот одред се викал „Даме Груев“, крушевскиот партизански одред „Питу Гули“. Прекарите кои ги носат како Кузман Јосифоски Питу, Јоска Јорданоски Сандански, Спасе Темелкоски Карев Трајко Бошкоски Тарцан Илинденски, тие алудираат на тоа дека се продолжувачи на рреволуционерниот од на Илинденците кои се борат за социјална правда, за слобода ии своја држава“, изјави Рубин Белчески, историчар.

Граѓаните велат дека за жал ние денес не го продолжуваме достојно делото на илинденците и партизаните, затоа што сме дозволиле да се распродава нашата историја и идентитет, а политичарите за овие 30 години не создале услови за да младите гледаат перспектива тука и се иселувале масовно во странство.

„Нашите татковци и дедовци ќе се превртуваат во гробот. Грешката е во нашата Влада, прифати се што  побараа Бугарите, ние си имаме свое. Зошто да му ја дадеме историјата? И на крај и да не влезиме во ЕУ, секако нема да влеземе уште 30 или 40 години, а ние ќе се распродадеме. Не најдовме власт или лидер кој што ќе не води напред во иднината“, рече еден граѓанин.

 

„Значи младите бегаат не од што немаат пари, и за пари бегаат, но на местата што се на власт сега се дојдении неписмени луѓе, сето е со платени дипломи. Овие се квалитетни деца. Само во зградата моја 45 деца се заминати во странство“, додаде друг граѓанин.

 

„Односот на Бугарија е многу лош, бидејќи се мешаат во нашите домашни работи и со нивните клубови уште полошо прават“, рече трет граѓанин.

Утре одбележувањето на празникот продолжува со полагање на свежо цвеќе и  оддавање почит на спомениците на Методија Андонов Ченто, Кузман Јосифоски – Питу, Алејата на Великаните, Криптата на Могилата каде почиваат останките на над 600 партизани.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи