Резултатите од последниот попис се поразувачки, се соочуваме со депопуларизација на нашите села. Условите и квалитетот на живот стануваат се понеповолни, а со тоа се случува и деаграризација на руралните средини. Според ЛАГ АГРО ЛИДЕР еден од главните фактори кој придонесува за ваквата состојба е немањето на соодветна програма за подобрување на статусот и правата на руралните жени.
„Од аспект на пристап до социјални услуги, пристап до здравствена заштита, патна инфраструктура, сето ова се повеќе и повеќе го продлабочува јазот помеѓу руралните и урбаните заедници, а дополнително доколку ставиме дека нееднаквоста помеѓу мажите и жените и пристапот до права и ресурси и придобивките од локалните програми е се подлабок, тогаш можеме да кажеме дека ситуацијата ни е алармантна во моментов и навистина треба да креираме кохерентни програми и политики кои навистина ќе одговорат на реалните потреби на жените во руралните средини“, истакна Марина Тошеска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР.
Гостинка на трибината на која се разговараше за оваа тема беше и Атиџе Муратовска која рече дека државата треба да преземе чекори за поголема помош на овие жени.
„Жените најмногу тешкотии имаат, со земјоделие, со домашни работи во селата, жените никогаш не се признати. Не е лесно за жените, ти на поле да одиш и да работиш, тешко е. Треба да помогне малку на тој што нема, еве јас пензија немам, со социјално не можам да стасам да платам“, рече Атиџе Муратовска, земјоделка.
Еден од најголемите проблеми со кои се сочуваат руралните жените кај нас е тоа што иако се регистрирани како индивидуални земјоделки, немаат право на платено породилно отсуство. Со ова тие се дискриминирано во однос на сите останати жени во Македонија, што е спротивно на Уставот.
„Пораката што ја испраќа државата со ваква политика е дека земјоделките кога се бремени, кога се мајки не ни се подеднакво важни како и сите останати работнички. Оваа ситуација да немаш платено породилно отсуство за овие жени на терен значи дека тие мора да работат и покрај тоа што се породиле вчера, и покрај тоа што имаат патолошка бременост, а ова резултира со нарушено здравје на жените и мажите. Прераното прекинување со доењето, спонтаните абортуси, прераното пораѓање се само дел од последиците по животот и здравјето на овие мајки“, кажа Драгана Дрндаревска, Мрежа за заштита од дискриминација.
Оваа иницијатива била поднесена до државните органи уште во 2020, но се уште нема одговор. Според пресметките станувало збор за 1074 жени на ниво на држава, а тоа би ја чинело државата на годишно ниво од максимум 58 до минимум 10 милиони денари, во зависност од тоа колку од овие жени би останале бремени.