Меѓународна академија на жени претприемачки од руралните средини и потпишување на декларација на Руралното Женско Лоби


Рурална Коалиција, денес го одбележа Меѓународниот ден на жените од руралните средини, со успешно завршување на Меѓународната академија на жени претприемачки од руралните средини и доделување на сертификати, како и со потпишување на декларацијата на Руралното Женско Лоби како активна заложба за заедничко делување и застапување за унапредување на родовата еднаквост и економското јакнење на жените од руралните средини како производителки на храна.

Едукацијата, вложувањето во знаењето, но и развојот на практичните вештини кај жените од руралните средини во делот на претприемништвото е од особено значење за жените, мали производителки на храна во руралните средини затоа што преку развојот на нивното производство и преработки директно се вложува и во процесот на нивно економско јакнење, просперитет, но и социјална инклузија во општеството. Имено, 25 жени од руралните средини во периодот од мај-септември 2022 година активно беа вклучени во првата Меѓународна академија за жени-претприемачки од руралните средини која што се спроведува кај нас.

 

 

Низ 13 вкупно модули водени од страна на фасилитаторки 25 жени успеаа да го поминат процесот на изработка на бизнис план, да размислуваат за унапредување на сопственото производство, да разменуваат меѓусебно знаења и искуства. Академија за жени претприемачки (AWE 2022), е иницијатива на Бирото за Образование Култура на Министерството за надворешни работи на владата на САД која го имплементира овој проект во над 90 земји во светот поддржувајќи повеќе од 16 000 жени,  кај нас за прв пат преку партнерска соработка со Рурална Коалиција.

Со доделувањето на сертификатите ќе го одбележиме овој успех на жените од руралните средини, но и ќе порачаме дека локалните хероини во производството на храна се токму тие, а на нас останува да го почитуваме нивниот труд, да ги споделуваме нивните приказни и да го поддржуваме секој нивен чекор понатаму, порача Лилјана Јоноски, извршна директорка на организацијата.

Незаменливо искуство, можност да се учи од најдобрите, но и да се сработи согласно сите стандарди и процедури, а не како што правиме ние само површно, напомена Емилија Пехчевска како производителка на слатко од шумски плодови, рибизли, бороџун како брендиран производ итн.

Од лични проблеми со кожата моја и на моите деца започнав со производство на органска козметика, а денес веќе сум дојдена до 20-тина различни производи и до степен  на нивно брендирање. Оваа Академија ми помогна точно да знам каде да се насочам за да може да продолжам со мојата инвестиција и понатаму.

Магдалена од Македонски Брод, спомна дека Академијата беше одлична можност за неа за да си ја искристализира идејата за развој на едукативен туризам каде што децата ќе може да одгледуваат и да берат овошје и зеленчук, а нивните родители да уживаат во природата и во посетата на пештерата Пешна која што се наоѓа во близина на имотот кој што го поседува.

За да ги продолжиме нашите напори и вложувања за унапредување, но и практикување на родовата еднаквост, денес ја потпишавме и декларацијата за активирање на работата на Руралното Женско Лоби кое што делува во Рурална Коалиција и која што ќе ги обедини трудот и посветеноста на жените, заедно со ревносната желба на Рурална Коалиција за подобро економско и социјално утре на сите. Ваквата декларација ќе ја почитуваат и потпишат сите жени кои што ќе станат дел од Руралното Женско Лоби кое што делува и ја јакне родовата компонента во Рурална Коалиција.

Првата академија за жени претприемачки од руралните средини Dream Builder ја организира Амабасадата на САД во Република Северна Македонија во партнерска соработка со Рурална Коалиција, додека пак декларацијата за активирање на Руралното Женско Лоби ја потпишавме во рамките на поддршката за унапредување на активностите и делувањето на Руралното Женско Лоби се дел од проектот „Со европско знаење до подобрена родова еднаквост во локалната заедница“,  имплементиран од Рурална Коалиција, а поддржан од Реактор – Истражување во акција и нивните партнери преку акцијата „Унапредување на родовата еднаквост во процесот на пристапување во ЕУ“. Акцијата е финансирана од Европската Унија и кофинансирана од Шведската агенција за меѓународен развој и соработка (Сида). Содржината е единствена одговорност на Рурална Коалиција и не ги одразува ставовите на Европската Унија, Сида или Амбасадата на САД во Северна Македонија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи