ВИДЕО – Обезбедување на пласман и поголема поддршка од државата за да малите семејни стопанства прераснат во големи бизниси


Со саем на земјоделски производи и ракотворби денеска под Градскиот саат во Прилеп се одбележа Меѓународниот ден на руралната жена во организација на ЛАГ АГРО ЛИДЕР.

„Се надеваме дека навистина ќе се афирмира улогата која жените ја имаат во земјоделскиот сектор ќе се обезбеди поддршка да се вреднува нивниот труд и земјоделскиот сектор да стане профитабилен сектор, а нивните бизниси одржливи“, рече Марина Тошеска, ЛАГ АГРО ЛИДЕР.

Жените од Прилеп, Крушево и соседните општини велат дека руралните жени се соочуваат со далеку поголеми предизвици за разлика од урбаната жена, а нивниот труд не бил доволно вреднуван како во другите сектори.

„Треба државата да има во предвид дека со одрена специфична насочена кон жените од руралните средини може да го извлече тој потенцијал каде жената од тие средини има улога било да прави занаетчиски производи, било да прави некои традиционални рецепти или козметика, но за тоа треба специфични мерки за тие мали семејни домаќинства кои што имаат потенцијал да прераснат во големи бизниси“, рече Гордана Цветаноска, земјоделка.

Жените земјоделки велат дека не е проблем тие да произведат, но потребна им била помош од државата за да се најде пласман на нивните производи.

„Поддршка ни е потребна од државата, до брзо менторот кој што ни беше не помагаше, но сега сме самостојни и ни е тешко, државата треба да помогне финансиски, ако ништо друго барем овие производи да ги доставуваме до трговските мрежи“, истакна Елизабета Божиноска, здружение „Крушевска жена“.

 

„Да имаме ние можности каде да се пласираат нашите производи, бидејќи јас имам премногу добри производи, наводнувани со многу здрава вода, тоа е многу важно, чист воздух. Многу имаме проблем со пласманот, не можеш ти да се грижиш и за произведување и за пласман. Да има пласман јас би го дала и со пониска цена. Јаболка имам 4 тони, 500 кг. дуњи, но немам пласман“, вели Павлина Јованоска, земјоделка од Прилеп.

Дел пак кои се имаат пробиено на пазарот велат дека единствено им недостига тоа што субвенциите државата ги давала многу доцна.

„Ситуацијата сега е добра, цената расти и на млекото расти, исплатливо е, а штом нешто се работи со љубов мора да се најде начин да се исплати. Само што доцнат субвенциите, треба навреме да се исплаќаат, само тоа е негативно“, кажа Бети Кузманоска, земјоделка од Прилеп.

 Присутни беа и учениците од прехрамбената и земјоделската струка при СОУ „Орде Чопела“ од Прилеп.

 „Имаме доста деца од рурална средина, девојчиња кои го пронајдуваат својот иден позив понатаму, се осамостојуваат, задоволни излегуваат од школските клупи и теоретските знаења потоа ги приименуваат во пракса. За да понатаму си остварат свој бизнис, си направат свое стопанство, но треба државата да помогне на стручното образование, на ваквите училишта“, додаде Анита Галеска, професор по стручни предмети.

 Организаторите се надеваат дека руралната жена со сите овие манифестации и апели конечно ќе го добие заслуженото место во општеството.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи