После вчерашниот несреќен случај во Битола, во кој двајца битолчани, браќа, на возраст од 63 и 68 години беа затруени од јаглерод моноксид кој што излегува од извор за минерална вода, кај некогашното познато излетничко место Кисела Вода, кое се наоѓа во близина на градот, денеска од Општина Битола истакнаа дека изразуваат големо жалење за овој случај и потенцираат дека повторно на тоа место ќе биде поставено соодветно предупредување за опасностите кои постојат.
Имајќи ја предвид и законската регулатива, Општината ќе се обратела и до сите надлежни државни институции за институционална координација во решавањето на овој сериозен проблем.
Од Општина Битола велат дека просторот околу овој извор локалната самоуправа го имала обезбедено со поставување на челична мрежа, но и со поставување на табла на која била наведена забраната за слегување и полнење на вода. Нејасно е кој и зошто ја отстранил и оградата и таблата, а од Општината барат овој случај да го проверат надлежните инстиитуции.
Инаку вчера при извлекувањето на телата на починатите учествуваше и Територијалната противпожарна единица, а тројца пожарникари со специјална опрема ги извлекоа телата на починатите, кои се предадени на обдукција
И покрај тоа што изворот е опасен голем број битолчани и понатаму полнат вода од истиот кој се наоѓа во јама длабока околу 2 метри. Изворот е познат и како чешмата убиец затоа што во последните децении од отровниот гас кој повремено излегува се имаат задушено повеќе лица.
Последен пат овде загина 77 годишен битолчаненц во 2008 година, а 4 години претходно, две лица на истото место исито така се задушија од отровниот гас. За да се спречат вакви трагедии во иднина е потребно затворање на ова место и итна координација на Општина Битола и сите институции надлежни за оваа проблематика.