ВИДЕО – Проданоски: Рехабилитација на улици од 68.000 м2, завршување на цевководот за Канатларци, катни гаражи, бесплатен јавен превоз во недела


Денеска во Советот на Општина Прилеп се одржа 17 седница на која што се разгледуваа 17 точки, од кои дел беа од тековни активности на Советот, односно прегледување и расправа на квартални извештаи на сите оние претпријатија и јавни општински установи кои се задолжени да доставуваат тековни финансиски извештаи, односно квартални извештаи, истакна по завршувањето на седницата претседателот на Совет, Дејан Проданоски.

„Беше тема на разгледување и кварталниот извештај на Општина Прилеп, но како позначајни точки од она што би ги интересирало граѓаните би ги издвоил донесувањето на развојната програма 2023-2025 година, каде беа поместени неколку работи од што најзначајно за нашата општина е што за догодина локалната администрација, односно цела Општина Прилеп стави во развојна програма рехабилитација на улици во површина од 68.000 метри квадратни. Тоа ќе биде еден значителен чекор кој досега не се случил во една година да се рехабилитираат толку улици, иако бевме обвинети од опозицијата дека навистина не е тоа работа која треба да биде поставена во развојна програма, меѓутоа сметам дека ваков чекор досега не бил запаметен во историјата на нашиот град и дека позитивно ќе има одзив од граѓанството, односно во подобрување на квалитетот на движење, односно животот комплетно на граѓаните.

Тука исто така се помести и онаа долгоочекувана развојна програма која беше предмет на расправа и минатата година, но заради објективни причини беше поместено нејзиното отпочнување со изградба, беше преместено за наредната година. Со започнувањето на градежната сезона догодина ќе почне и ќе заврши доводниот цевковод за водоснабдување на населеното место Канатларци. Издвоени ќе бидат средства со новиот буџет во висина од 18 милиони денари, кои ќе значат непречено водоснабдување на ова населено место кое важи за едно од најголемите во нашата општина. До средината на декември имаме ветување од раководителот на секторот урбанизам, односно од цел сектор урбанизам дека ќе биде издадено одобрението за градба и во истиот момент би се започнало со тендерирање, односно со почеток на тие крајни завршни фази од административниот дел од овој проект и со почетокот на новата градежна сезона почнуваме како Општина Прилеп со изградба на овој дел.

По однос на оние најважни програми кои беа поместени во развојната програма морам да ги спомнам, а тое е дека е предвидено со оваа развојна програма и поставување, односно градење на неколку монтажни катни гаражи, од кои едната е во просторот позади УЈП. Тоа мислам дека е од поголем интерес за граѓаните. И онаа катна гаража која ни е ветена во предизборната програма, односно во програмата од градоначалникот во просторот помеѓу поштата и општинската зграда. Тие се два клучни проекти кои сметам дека дополнително ќе го подобрат тој смирен сообраќај кој го имаме како проблем во центарот на градот.

Значајно и треба да се спомне и е во огромен интерес на граѓаните е што по предлог на управниот одбор на Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање, кое е задолжено за вршење на јавниот градски превоз е дека по воведувањето на сила на оваа одлука која Советот денеска едногласно ја изгласа, дека отсега па натаму граѓаните на Прилеп во недела ќе можат бесплатно да го користат јавниот градски превоз.

Тоа во кратки црти би било тоа што Советот денеска го разгледуваше и донесе одлуки во интерес на граѓаните за подобрување на квалитетот на живот“, изјави Проданоски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи