Секоја трета котирана компанија годинава со помала добивка од лани

Facebook
Twitter
Email
Print

Во првите девет месеци од годинава на берзата имало 94 котирани компании, исто колку и лани. Но, вкупниот ефект од нивното работење годинава бил послаб, покажува најновата анализа на порталот Пари. Нивниот вкупен финансиски ефект бил: помала заедничка добивка и поголема заедничка загуба!

Компаниите кои работеле со добивка, годинава направиле заеднички профит од 230 милиони евра, додека претходната година во првите три квартали, вкупната добивка на тогашните компании со профит изнесувала 235,7 милиони евра. Така, годинешната вкупна добивка е за 2,49 проценти помала од ланската.

Ако, пак, се погледаат поединечните извештаи на котираните друштва, може да се забележи дека речиси секоја трета, или точно 32 од 94 компании, има намалена добивка во деветте месеци од 2022 година во однос на истиот период лани.

Истовремено, котираните компании направиле и поголема вкупна загуба. Годинава, заклучно со 30.09.2022 година, вкупната загуба од котираните компании била 24,8 милиони евра, додека лани тогашните загубари за девет месеци генерирале вкупна загуба од 8,3 милиони евра. Така, годинешната загуба е за 197,7 % поголема од ланската.

Вкупен финансиски ефект на котирани друштва

ФИНАНСИСКИ РЕЗУЛТАТ 1.1.2021 – 30.9.2021 1.1.2022 – 30.9.2022 2022 / 2021
Остварена добивка 235,7 милиони евра 230 милиони евра ‒ 2,49 %
Остварена загуба ‒ 8,3 милиони евра ‒ 24,8 милиони евра + 197,7 %

ТРИ ДРУШТВА ШТО ЛАНИ БИЛЕ ВО ДОБИВКА, ГОДИНАВА СЕ ВО ЗАГУБА

Берзанските податоци покажуваат дека лани три котирани друштва, кои во првите девет месеци од годината имале позитивен финансиски резултат, за девет месеци работење во 2022 година направиле загуба.

Најмногу преобратен резултат од добивка во загуба има компанијата од челичната индустрија, Либерти, која лани била во добивка од 12,9 милиони евра заклучно со 30.09.2021 година, а сега за девет месеци создала загуба од дури 16,9 милиони евра!

Во првите девет месеци од годинава во загуба влегла и Стопанска банка – Битола, со 320.000 евра, додека лани во истиот период направила добивка од 6,2 милиони евра.

Центарот за ортотика и протетика СЛАВЕЈ АД Скопје (од 2000 година целосно во приватна сопственост) до октомври направил загуба од 27.000 евра, а лани во првите девет месеци остварил добивка од 95.000 евра.

Финансиски резултати на котираните друштва што од добивка влегле во загуба

КОМПАНИЈА 1.1.2021 – 30.9.2021 1.1.2022 – 30.9.2022
Либерти АД Скопје + 12,9 милиони евра ‒ 16,9 милиони евра
Славеј АД Скопје + 95.000 евра ‒ 27.000 евра
Стопанска банка АД Битола + 6,2 милиони евра ‒ 320.000 евра

 ПЕТ ДРУШТВА ШТО ЛАНИ БИЛЕ ВО ЗАГУБА, ГОДИНАВА СЕ ВО ДОБИВКА

Покрај компании кои лани биле во добивка, а годинава влегле во загуба, има и обратни случаи и нивниот број е поголем – 5 компании кои лани биле во загуба сега се во добивка.

Најголем загубар кој се трансформирал во добитник е текстилната компанија Мода АД од Свети Николе. Лани, заклучно со 30.09, компанијата била во загуба од 365.000 евра. Годинава, за истиот период текстилната фирма влегла во добивка од 40.000 евра.

Акционерското друштво Сигурносно стакло од Прилеп лани имало загуба од 51.000 евра, а годинава за девет месеци успеало да направи добивка од 3.900 евра.

Добивка со која покрај што се покрила ланската загуба, се реализирал и дополнителен профит, успеале да направат Нова стоковна куќа АД Струмица, РЖ Интер-Трансшпед АД Скопје и Макотекс АД Скопје.

Нова стоковна куќа АД Струмица лани во трите квартали имала загуба од 17.600 евра, но годинава направила добивка од 55.000 евра. РЖ Интер-Трансшпед АД Скопје ланската загуба од 9.000 евра успеал да ја трансформира во добивка од 40.000 евра, а Макотекс лани, истиот период направил мала загуба од 300 евра, а оваа година има добивка од 14.000 евра.

Финансиски резултати на котираните друштва што од загуба влегле во добивка

КОМПАНИЈА 1.1.2021 – 30.9.2021 1.1.2022 – 30.9.2022
Макотекс АД Скопје ‒ 300 евра + 14.000 евра
Мода АД Свети Николе ‒ 365.000 евра + 40.000 евра
Нова стоковна куќа АД Струмица ‒ 17.600 евра + 55.000 евра
РЖ Интер-Трансшпед АД Скопје ‒ 9.000 евра + 40.000 евра
Сигурносно стакло АД Прилеп ‒ 51.000 евра + 3.900 евра

ЕДНО ДРУШТВО НЕ ОБЈАВИЛО ПОДАТОЦИ, ТРИ СЕ СУСПЕНДИРАНИ

За работењето во трите квартали од годинава, Берзата известува и дека три друштва се долгорочно суспендирани. Станува збор за: Арцелор Миттал (ХРМ) АД Скопје, Благој Туфанов АД Радовиш и Трудбеник АД Охрид. Истите компании се наоѓаат и на минатогодишната листа на суспендирани компании.

Берзата известува и дека Технокомерц АД Скопје не објавил податоци. Лани компанијата била во плус 1,2 милиони евра. За друштвото кое нема објавено финансиски извештаи во предвидените рокови се преземаат соодветни мерки во согласност со Правилата за котација.

Конечната квантификација на резултатите од котираните друштва покажува дека и лани и годинава 72 друштва имале добивки, лани во загуба биле 19, а годинава 18, едно друштво не објавило финансиски резултати и три се долгорочно суспендирани.

КВАНТИФИКАЦИСКИ ПОДАТОЦИ ЗА: 1.1.2021 – 30.9.2021 1.1.2022 – 30.9.2022
Остварени добивки 72 72
Остварени загуби 19 18
Друштва кои не објавиле податоци 0 1
Долгорочно суспендирани друштва 3 3
Вкупно 94 94

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/berza-sekoja-treta-kotirana-kompanija-godinava-so-pomala-dobivka-od-lani/

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи