Итна ревизија на новите тарифници на Агенцијата за катастар или клуч на врата на геодетските компании

Facebook
Twitter
Email
Print

Комората на трговски друштва за геодетски работи остро реагира на едностраното зголемување на надоместоците со новите тарифници кои ги воведе Агенцијата за катастар на недвижности (АКН), без никакви консултација, а со кои се врши зголемување на цената на добивањето на одредени податоци и до 500 отсто, што е на товар на геодетските друштва, нотарите, адвокати и сите граѓаните кои ги користат услугите на АКН.

„На 19.11.2022 година стапија на сила неколку нови тарифници за висина на надемостоците кои ги наплаќа Агенцијата за катастар на недвижности за нејзините услуги, а во кои услугите се поскапени за 100 отсто, 200 отсто па и 500 отсто. На пример досега за добивање на податоците кои се потребни за подготовка на еден геодетски елаборат се плаќало 750 денари, со зголемувањето износот ќе биде 1.552, што би било зголемување за повеќе од 100 отсто. Како најголем парадокс, би го навел најголемото зголемување на цената за купување на податок за координати на геодетска точка, што досега чинеше 67 денари, а сега е 409 денари. Ова дотолку повеќе што условите налагаат дека овој податок речиси и да не се употребува, а мора да биде купен при изработка на секој елаборат. Анализата која ја направи Комората за свои потребни покажува дека ако досега просечно годишно едно геодетско друштво кон Агенцијата имало трошоци од 111.450 денари за 150 предмети, сега овој трошок е 232.000 денари“, истакна м-р Никола Рибароски, претседател на Комората на трговски друштва за геодетски работи.

И додека Агенцијата енормно ги зголемува своите приходи, барањето на Комората на геодетски друштва за корекција на цените на услугите кои ги наплаќаат геодетските друштва кое е поднесено како предлог до Управниот одбор на Агенцијата уште во 2019 година, се уште не е имплементирано.

„Согласно Законот за катастар на недвижности, Комората уште од 2019 година има доставено предлог за корекција на цените кои геодетските друштва ги наплаќаат на своите корисници до Управниот одбор на Агенцијата, но до ден денес поради најразлични изговори и не давање на одговори немаме нов тарифник. Цените на  нашите услуги се од 2013 година иако досега реалните трошоци се значително зголемени. Со зголемување на тарифникот на Агенцијата практично се наоѓаме во состојба најголем дел од средствата кои ние ги наплатуваме од граѓаните да се за трошоците кои ги имаме кон АКН, додека за геодетското друштво да остануваат недоволно средства со што во голема мера се доведува во прашање рентабилноста и опстојувањето на фирмите“, објасни Рибароски и побара итна ревизија на цените на тарифникот на Агенцијата.

Голем проблем кој директно се одразува на работењето на геодетските друштва е и тоа што многу често електронските системи на АКН се надвор од функција, иако компаниите имаат договори за непречено користење на електронските системи на Агенцијата и за истото редовно плаќаат. Со ова приватните компании се спречени да ги извршуваат своите секојдневни работни задачи. Работењето на геодетските компании е директно загрозено и од тројцата членови на Управниот одбор на Комората на геодеткси друштва, кои се предложени од Агенцијата за катастар за недвижности и кои наместо да даваат предлози и да носат одлуки за унапредување на работењето на компаниите, ги штитат интересите на Агенцијата и вршат грубо кршење на нејзината независноста. Комората досега неколку пати побара измена на Законот за катастар на недвижности со цел да се создадат законски можносности за избор на независни членови на УО.

“Во однос на овој проблем ја поздравуваме одлуката на Државната комисија за спречување на корупција која утврди дека постои судир на интерес и влијание од страна на Агенцијата врз Комората. ДКСК дава препорака за итна промена на Законот за катастар на недвижности кој го пропишува составот на УО на Комората”, истакна Рибароски.

И покрај тоа што Комората, во многу наврати бараше да биде вклучена во работните групи за подготовка за новите законски решенија со цел да имаме поквалитетни и применливи законски одредби од областа на геодезијата, како што тоа е пракса во сите демократкси општества, сепак Агенцијата одбива да го направи тоа и самостојно ги води овие процеси.

„За сите овие проблеми кои создаваат деловно окружување во кое геодетските друштва не можат не само да работат успешно, туку веќе се доведува во прашање и нивниот опстанок, испратени се 17 дописи до директнорот на АКН и до Управнот одбор, на кои или не е воопшто одговорено или добиениот одговор е несоодветен, реализирани се и три средби со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, а вчера доставивме барање и до премиерот Димитар Ковачевски. Имам одговорност да ја информирам јавноста дека револтот на нашите членки е толку голем, што скоро сите повикуваа на превземање на радикaлни чекори со цел да биде слушнат гласот на приватните компании и да се најдат решенија за спас од погубните политики. Радикализацијата меѓу другото би значела целосен колапс на катастарското работење и на повеќе сектори “, потенцираше Рибароски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи