Денеска премиерот Димитар Ковачевски, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и заменик директорот на ЈП за Државни патишта, Благојче Трпевски, извршија увид во пробивањето на втората тунелска цевка и бетонирањето на мостовската конструкција на експресниот пат Градско-Прилеп, делница Дреново-Фариш.
„Овој регион ни е особено значаен. Пелагонија ја поврзуваме со модерни и безбедни патишта. Продолжуваме да реализираме значајни проекти за нашите граѓани и за зголемен економски развој на целата држава. На почетокот на декември завршуваме и со рехабилитацијата на превојот Плетвар“, истакна Бочварски.
И покрај тоа што настапи есенското променливо време интензивно се работи на изградбата на експресниот пат Градско–Прилеп, поточно на втората делница Дреново–Фариш. Во овој појас од само десетина километри се градат два тунела, 21 мост, 5 подвозници, 11 потпорни ѕидови, еден кружен тек на локалниот пат со клучка кај Дреново и еден вијадукт. Инаку, ширината на делницата Дреново-Фариш е променлива, па така 5 километри се со асфалтна платформа од 12,4 метри што одговара на експресен пат, а преостанатите повеќе од 5 километри и се со платформа од 17 метри што одговара на автопат со намалена ширина.
„Едната страна е пробиена, а на другата се работи на пробивањето, од трасата, пак 5 км се асфалтирани со прв слој и физичкиот прогрес на работите е 55 %. За делницата Дреново-Фариш која е 10,2 километри издвоени се 33,3 милиони евра средства обезбедени од ЕБОР. Многу пати сме нагласиле дека овој патен правец е еден од најзначајните патни правци во државата. Низ него дневно поминуваат околу 6 илјади возила од сите категории и карактеристично е тоа што е патен правец каде што гравитираат многу товарни возила што дополнително го оптоварува. Токму од овие причини посветуваме внимание на изградбата на експресниот пат Градско-Прилеп со кој значително ќе се олесни протокот на стоки и услуги“ изјави Трпевски.
Веќе е во завршна фаза и рехабилитацијата на патниот правец Фаришка клисура–Прилеп, превој Плетвар, во должина од 19 километри и вредност од 5,6 милиони евра со што кракот Д на Паневропскиот транспортен коридор 10 ќе биде брз и безбеден за проток на сообраќај.