ВИДЕО – Смилеска: 42 лекари се на специјализација и 8 субспецијализанти, заврши времето на несовесно работење и поправки на приватни коли на сметка на болницата


Сведоци сме дека сега нема востановена пракса од лажна пропаганда како онаа од времето на ВМРО ДПМНЕ. Пациентите беа принудени да си набавуваат лекарства и реагенси затоа што едноставно аптеката беше празна а болницата од субјективни причини, односно поради несовесно работење на менаџерите, истакнати членови на ВМРО ДПМНЕ, беше блокирана од извршители за неисплатени обврски кон добавувачите, истакна на денешната прес конференција Кети Смилеска, директорка на Општа болница Прилеп.

„Проблемите со кои деновиве се соочи болницата односно нашите вработени и пациентите се од објективни причини. Стануваше збор за сериозен дефект на главната цевка од водоводната мрежа. На санирање на дефектот се работеше темелно со целосна реконструкција и изградба на нова водоводна мрежа од околу 200 метри за котларата – првпат од нејзината изградба, со што беа создадени услови и парното греење во болницата е вклучено.

За разлика од тоа време, кое никој не сака да се повтори, денес благодарение на соработката со Министерството за здравство и нивното разбирање за проблематиката со недостиг на лекари, но и планскиот и студиозен пристап на менаџментот на болницата, можеме да се пофалиме дека во моментов имаме 42 лекари на специјализации и 8-мина на субспецијализации. Јавноста треба да знае дека времетраењето на лекарските специјализации е пропишано со посебни правилници. Тоа е еден долготраен процес на едукација на лекарскиот кадар во времетраење од 4 до 6 години. Нашите специјализанти како ќе го завршуваат своето доусовршување етапно ќе се враќаат и ќе се стават на располагање во Болницата како нивна матична установа, секако најмногу на задоволство на нашите пациенти, кои ќе бидат згрижувани и лекувани од млад и едуциран лекарски кадар.

Студиозниот пристап и навременото планирање на специјализациите е основниот принцип од кој се раководиме, за разлика од 12-годишното владеење на ДПМНЕ кога едвај 10-тина избрани, партиски подобни и врбувани лекари ги добиваа државните специјализации. Дел од нив и покрај сите лажни ветувања извисија па сега, во ова време на неселективен пристап од наша страна, се дел од групата 50-тина лекари кои специјализираат.

Основната премиса во нашето работење е почитување на позитивните законски прописи. Нема поправки на приватни коли на сметка на болницата, непочитување на процедурите за набавка на мазут, заради што има и соодветни кривични пријави за предмет по кој постапува Јавното обвинителство.

За разлика од тие матни и мрачни времиња,  сега  навременото планирање од наша страна доведе до ситуација да обезбедиме 25 тони мазут во август и 30 тони во септември, а се обезбедуваат дополнителните 25 тони мазут, со што сметаме дека ќе обезбедиме доволни количини од овој енергенс за непречено затоплување на целата болница.

Задоволството е наше што како установа, една од ретките во земјава, од јуни оваа година ја ставивме во функција Магнетната резонанца. По многу лаги и неисполнети ветувања на ВМРО-ДПМНЕ  набавен е најсовремен апарат за дијагностика. Магнетната резонанца ќе можат да ја користат околу 120.000 жители од регионот кои нема повеќе да патуваат и трошат за прегледи во другите градови туку во својот град секојдневно ќе можат да вршат прегледи по  оваа медицинска процедура.

Поаѓајќи од намерата за отчетност и транспарентност, би сакале да најавиме воведување на пракса секоја недела преку прес конференции да ја информираме јавноста за работењето на болницата. Најдобро оружје против црната пропаганда и лажните вести е презентирање на вистината низ факти и аргументи“, рече Смилеска.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи