Посакувам пристапниот процес за Северна Македонија да се случи многу брзо и да нема нови пречки, но реформскиот процес на земјата мора да продолжи и можете да сметате на поддршката од Германија, порача денеска германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер на заедничката прес-конференција со шефот на државата Стево Пендаровски.
„Посакувам пристапниот процес да се случи многу побрзо, да нема нови пречки. Реформскиот процес тука во земјата да се движи со брзината со која е потребно гледано од ЕУ. Се надевам дека тоа ќе се случи што е можно побрзи, дали тоа ќе биде 2030 година, мора да разберете дека никој во моментот не може тоа да го каже, никој политичар од Северна Македонија ниту од Германија ниту, пак, од ЕУ, никој не може да вети. Но, треба да се стремите кон тоа, стремежот да биде да се постигне оваа цел и таа е присутна тука“, рече Штајнмајер.
Германскиот претседател во обраќањето на прес-конференцијата посочи дека е свесен оти Северна Македонија била соочена со тешкотии и довербата на луѓето овде кон ЕУ била оптоварена, но уверен е дека ставот за засилување на добрососедските односи со Бугарија ќе вреди.
„Јас сум многу свесен дека Северна Македонија на патот кон ЕУ беше конфронтирана со особени тешкотии, дека довербата на луѓето во ЕУ беше оптоварена со Договорот од Преспа, но дадовте импресивен пример за тоа дека е можно да бидат надминати долгогодишни длабоки разлики само доколку постои политичка волја од двете страни. И за вашата прагматична подготвеност на компромис за засилување на добрососедските односи кон Бугарија ви благодарам и јас сум убеден дека овој став на крајот ќе вреди. Уште сега овие чекори за отворање на пристапните преговори со ЕУ и потпишувањето на договорот со Фронтекс доведоа до тоа да се случи на македонски јазик. Станува збор за понатамошна интеграција на Северна Македонија во ЕУ и со тоа и за пристап на сите граѓани и граѓанки кон една унија на заеднички вредности и стандарди“, додаде германскиот претседател.
Тој уште еднаш ја истакна германската поддршка за членство на земјава и на целиот Западен Балкан во ЕУ и порача дека Северна Македонија е дел од европското семејство и со својата култура и јазик, вели, ќе ја збогати Унијата и уште повеќе ќе ја зголеми различноста во оваа заедница.