Денеска напладне во библиотеката „Борка Талески“ во Прилеп беше промовирана книгата со наслов „Чест и вест“ чиј автор е доајенот на прилепското и македонско новинарство, Тачко Локвенец. За книгата, за ликот и делото на новинарот и писател Локвенец говореа неговите колеги и пријатели, репрезенти на новинарското перо, Ерол Ризаов и Иван Бојаџиски.
„Чест и вест“ е последното дело од Локвенец, кој во својата долгогодишна кариера остави илјадници текстови во дневниот весник „Нова Македонија, “Вечер“, „Трудбеник“, „Млад борец“, “Студентски збор“, за локалниот неделник во Прилеп „Народен глас“, за „Флака е влазнимит“, како и за повеќе списанија во поранешна Југославија.
Дел од неговите написи во „Нова Македонија“ се публикувани во првата негова книга со наслов „Судница-лудница“. Локвенец е автор и на делата „Ние сме тука“, „Љубовни приказни“, „Вест и власт“, „Илинденски обелиск“, на монографијата за 60 годишнината од постоењето на прехранбената индустрија „Витаминка“. Последните две години од својот живот работеше интензивно на својата книга „Чест и вест“ со намера, како што велеше, да даде пресек на новинарството од осамостојувањето на Македонија. Беше коосновач, а потоа и сопственик на списанието „Порта“.
Тачко Локвенец, почитувачот на еснафите, вљубеник во духот на животот во својот град, почина на 79 годишна возраст на 19 февруари 2021 г. поради компликација предизвикана од коронавирусот.