Денес добивме информација за дојави за поставени бомби во основните училишта: „Блаже Конески“, „Добре Јованоски“ и „Гоце Делчев“. Веднаш после добиените информации за поставени бомби во овие основни училишта во општина Прилеп, воспоставивме комуникација со директорите на основните училишта, а бевме исто така известени и од ТППЕ Прилеп и Дирекцијата за заштита и спасување, изјави градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.
„Благодарение на брзото постапување на сите вклучени фактори, учениците, наставниот кадар и другите вработени во училиштата веднаш се евакуирани на безбедно, а наставата за денешниот ден е прекината.
Во меѓувреме, исто така добивме информација дека од страна на полицијата се преземаат потребните мерки за проверка на дојавите за поставени бомби.
Како градоначалник на општина Прилеп, апелирам на смиреност и почитување на сите пропишани правила и прописи за постапување во вакви случаи.
Безбедноста на нашите сограѓани е на прво место, остануваме во контакт и во координација со ссите надлежни институции се до целосно расчистување за веродостојноста на дојавите, истакна Јовчески.