Осигуреници наплатија 48,5 милиони евра, бројот на исплатени штети порасна за 29%

Facebook
Twitter
Email
Print

Осигуреници наплатија три милијарди денари (48,5 мил.евра) обештетување за осигуран движен и недвижен имот, приватно здравствено, автомобилска одговорност, каско, патничко и други осигурувања опфатени со корпусот неживотни осигурувања, за првите девет месеци годинава. Сите 11 осигурителни компании исплатија повеќе од 70.000 штети за првите девет месеци годинава. Тоа е за 29 отсто повеќе исплатени штети од истиот период лани, покажуваат податоците што до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставија сите 11 друштва за неживотно осигурување.

Најголем раст на вредноста на исплатени средства и на бројот на исплатени штети има кај здравственото (приватно, дополнително и доброволно) осигурување. До крајот на септември компаниите исплатиле над 30.000 штети за здравствени трошоци на своите осигуреници. Нивниот број е удвоен во споредба со истиот период лани.

Вкупниот износ на исплатени медицински трошоци покриени со приватно здраствено осигурување изнесува 278 милиони денари (4,5 мил.евра) или 93 отсто повеќе од истиот период лани.

Овие резултати упатуваат на заклучок за прекумерна употреба на приватното здравствено осигурување особено за превентивни прегледи во приватните здравствени установи. Но и покрај тоа зголемената пенетрација на приватното здравствено осигурување значајно придонесува за подигнување на културата за користење осигурување и генерално ја зголемува јавната свест за потребата од осигурување.

Овој осигурителен производ има и општествено корисна димензија затоа што ја подобрува превенцијата од болести, а при тоа не е на товар на централниот буџет.

Кај осигурувањето имот, најголема доброволна класа од сите неживотни осигурувања, за овој период се исплатени 449,2 милиони денари (7,3 мил.евра) за безмалку 6.000 штети. Износот на исплатени штети и нивниот број годинава се со минимални отстапувања во споредба со истиот период минатата година.

Очекувано, најмногу средства за штети се исплатени во најголемата осигурителна класа –  автомобилска одговорност. За првите девет месеци компаниите исплатиле над 21.000 штета вредни 1,57 милијарди денари (25,5 мил.евра). Износот и бројот на исплатените штети во првите три квартали годинава се на ниво од истиот период лани.

Најголемо учество во вкупниот износ на исплатени штети за овој период има „Триглав осигурување“. Ова е очекувано затоа што оваа компанија од друга страна има и најголемо учество во продажбата на осигурување.

Во првите девет месеци годинава најголем раст на износот на исплатени штети има „Кроација осигурување – неживот“. Тоа во значајна мерка се должи на штетата од големиот пожар на осигуран имот на една тетовска компанија за продажба на градежни материјали.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи