ВИДЕО – Општински обврзници – можност за развој на општините, зголемување на вработувањата, но има и ризик


Општинските обврзници се начин на обезбедување на дополнителни средства за финансирање на проекти од јавен интерес. Тоа е успешна практика во скоро сите развиени земји, како и од земјите од нашето опкружување. Бугарија вакви обврзници издава уште од 1999, Хрватска од 2004, Црна Гора од 2009. Според експертите кај нас имало само дефинирана правна рамка и процедура за спроведување, но немало практична примена. Позитивната страна од овие обврзници би била тоа што Општините би имале пари за изградба на училишта, спортски објекти, културни објекти, комунална мрежа, патна инфраструктура.

Сето тоа повлекува раст на инвестициските активности и стапката на вработеност, зголемување на самиот имиџ на општината бидејќи една Општина да може да издаде општински обврзници мора да покаже одредени позитивни показатели во однос на финансиското работење. Како и јакнење на кредитиниот рејтинг на Општината од аспект на навремено исполнување на обврските према инвеститорите кои ги вложиле своите средства во општинските обврзници. И како особено значајна, позитивна страна јас тука би ја споменала развој на пазарот на капитал“, истакна д-р Фанка Ристеска, универзитетски професор.

Но исто така тука има и негативности.

Ризикот е промена во законодавството, можни промени во самата законска регулатива кои би донеле промена во однос на идните приноси од вложувањето во општински обврзници, намален рејтинг на државата, односно Општината, валутниот ризик доколку станува збор за вложување во хартии од вредност деноминирани во странска валута, ризикот од појава на инфлација, односно намалување на вредноста на општинските обврзници со самото зголемување на цените, политичкиот ризик, односно настанување на некои неповолни ситуации“, додаде професор Ристеска.

Граѓаните пак не се многу запознати со издавњето на обврзниците, но велат дека доколку општините се задолжуваат тоа да биде за подобрување на квалитетот на животот.

Ако се добри проектите нека се задолжи, пак ние ќе го платиме. Пример за здравство, култура, нешто таква работа, не за глупости. Ако е за глупости нека не земаат ич“, вели еден граѓанин.

 

Треба да ги искористат наменски, на пример за некој мост, патишта“, додаде друг граѓанин.

Според експерите пак кај нас главна причина за неимплементирање на овој процес бил недоволниот степен на развој на пазарот на капитал и финансискиот пазар. За да една Општина издаде обврзница потребно е таа да исполнува повеќе критериуми, а како потребни предуслови биле и големата соработка на централната и локалната власт. Кога и дали воопшто ќе има општински обврзници кај нас, останува да покаже времето.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи