Родољубите и патриотите од Прилеп кои подолг период живеат во Австралија уште еднаш докажаа дека Македонија и Прилеп постојано ги носат во срцето без разлика колку се оддалечени од своето родно огниште.
Австралиско – Македонско друштво „Методија Андонов – Ченто“ од Сиднеј донираше околу 500 дресови од разни фудбалски клубови и разни фудбалерски имиња за децата и учениците од Општина Прилеп.
Најголем дел од дресовите беа поделени на учениците од 10-те основни училишта во Прилеп. Дел од дресовите добија и децата од социјално ранливите категории, надарени и талентирани ученици и други.
Целата акција се спроведуваше со координација и помош на наставникот Гоце Бумбароски од ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп.
Инаку станува збор за продолжување на соработката помеѓу Општина Прилеп и друштвото од Австралија. Ова не е прва нивна ваква донација.Претходно оваа година Австралиско – Македонско друштво „Методија Андонов – Ченто“ обезбеди 200.000 денари со кои се купија разни потребни апарати и предмети како печатач и, скенери, лаптоп, телевизори, тример косачки, поликолор, топки, играчки за сензорни табли и нагледни средства за децата со посебни образовни потреби во 6 основни училишта во Прилеп, ООУ Кочо Рацин, ООУ Кире Гаврилоски – Јане, ООУ Добре Јованоски, ООУ Страшо Пинџур, ООУ Рампо Левката и ООУ Круме Волнароски.
Општина Прилеп искажува огромна благодарност на ова друштво за ваквите донации кои се вистински доказ за тоа како се сака Татковината. Овој пример на Австралиско – Македонско друштво „Методија Андонов – Ченто“ од Сиднеј нека биде поттик и пример и за другите наши друштва од дијаспората, насекаде низ светот, како може да се помогне на својот роден крај и да се донира во различни општествени сфери за да се подобри квалитетот на животот тука.