ВИДЕО – Македонија останува увозно зависна земја за храна – нема кој да работи и да произведува


Македонија и во иднина ќе остане увозно зависна земја за храна. Скоро ниту една земјоделска култура не ја произведуваме доволно за да комплетно од истата се задоволат потребите на население. Најголемиот проблем е иселувањето. Нема кој да работи и да произведува храна. Земјоделците песимисти како никогаш досега. Не очекуваат промени доколку не се обезбеди сигурен пласман на производите и зголемување на цените. Ситуацијата е особено тешка со сточарството, каде постојано се намалува сточниот фонд, а со тоа и производството на месо, млеко и млечни производи.

Се зголеми ли производството на сирење?

Не, се намали.

Зошто?

Не знам, луѓето ги испродадоа, како што иди еве нема, останавме неколку души.

Се зголемија цените на млекото, ќе има ли поголемо производство?

 Има, ама се продадоа. Кога ќе дојдат други крави, да стасаат па да се зголеми. Тоа ќе каже времето.

Има шанси да се зголеми сточниот фонд во државава?

Не верувам, младите сите заминаа. Заминаа од градот, а не од селата, сето е пусто.

Што треба да се направи?

Ах, што треба, сега е веќе касно, требало со време“, вели Веселелин Милески, земјоделец од с. Клепач.

 

 

„Сточниот фонд не ми се верува, избега народот. Еве внуци имам јас, беа со стока, ги продадоа сите и заминаа странство. Враќање назад нема.

Како понатаму?

Иднината овде е, таму е полошо, ама овде нема егзистенција и нема што да прават.

А овде како да се направи добра иднината?

Да се помогни нешто, ќе се зголеми ако се намалат тараните, ѓубривата од странство, тогаш ќе се зголеми, а вака и земјава ќе се откажи, ќе одиме назад скроз“, додаде Киро Јанчески, земјоделец од с. Беровци.

Слична е состојбата и со раноградинарското производство. И таму земјоделците не очекуваат зголемување на производството.

„Не, нема да се зголеми производството, застаривме сега, не можеме повеќе, а младиве ни избегаа кој ваму кој таму. Избегаа, еве јас 61 година и кој ќе работи сега.

 Ќе се зголеми ли производството на храна?

 Не, ќе се намали. Никој не сака да работи, скапо е, земјоделие ти е ѓубриво, едно, друго и нема на кого да продаваме. Цел ден стоиме за 300-500 денари пари, за што да стоиме, а тезгава ја плаќаме 5.000 денари месецот“, рече Зоран Трајкоски, земјоделец од Прилеп.

Од Агенција за поттикнување на развојот на земјоделстото велат дека Владата презема голем број мерки за потткнување и развој на овој сектор кај нас. Тоа било причина за разлика до лани површините под пченица сега да бидат зголемени за 15%, а исто така зголемување имало и кај површините со сончоглед.

„Зголемени се субвенциите за грло во делот на ситна стока, се мисли тука на овци, кози. Исто така зголемена е субвенцијата кај молзните крави. Зголемена е субвенцијата кај млекопроизводството, значи за екстра млеко 5 денари, а и од страна на млекарите има најава за помош и поддршка на нивните кооперанти, да ги снабдат со квалитетни грла на стока, на крави. Сите оние кои имаат 5-10 грла планираат да ги зголемат нивните фарми, за разлика од оние кои го напуштиле сточарството, таму ќе биде многу потешко да се вратат назад“, истакна Горан Томески, Агенција за поттикнување на развојот на производството – Прилеп.

Но без поголема поддршка на земјоделскиот сектор, обезбеден пласман и повисоки откупни цени на производите Македонија ќе продолжи да биде земја која нема да може да ги прехрани своите жители ако не е увозот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи