ВИДЕО – Старите фотографии чувар и најверниот доказ за нашата историја и самобитност како Македонци


Во ова денешно интервју ќе поразговараме со Душко Апостолоски од Прилеп. Многумина во градот го препознаваат како паркинг редар, но можеби малкумина знаат дека тој е најголемиот колекционер на стари фотографии во Прилеп, а можеби и во Македонија. За тоа како започна со оваа негова пасија и ова негово хоби ќе ни каже Апостолоски. Пред се‘ добродојдовте во нашата емисија.

Добро ве најдов и добродојдовте во мојот дом.

Драго ни е што присуствуваме тука и што имаме можност да видиме навистина ексклузивни и интересни фотографии кои ги поседувате во цела Македонија единствено вие, а се поврзани со историјата како на Прилеп, така и со една подалечна историја, односно оној револуционерен период од нашата држава.

Ја поседувам најголемата колекција на мекедонски револуционери во Македонија, која ја збирам одамна, еве веќе 20 години.

Да започнеме како дојдовте до идеја да започнете да збирате стари фотографии, дали имате некој пријател, некој од семејството тоа го правеше, како се роди таа желба, таа пасија, тоа хоби?

Па ме привлекуваа стари фотографии од Првата Светска војна, Втората Светска војна, отоманскиот период. Почнав преку размена на фотографии со пријатели, колекционери, од тука, од други земји од соседството, па сега најново и преку аукции, преку интернет.

Колку фотографии поседувате?

Па поседувам над 1.000 фотографии и разгледници.

Како ги добивате?

Па сега најново преку аукции, онлајн, од целиот свет.

Претходно со размена?

Претходно со размена, со пријатели со кои лично се познаваме, колекционери од Македонија, така комунициравме, јас имам фотографии од Прилеп, јас од Скопје, дали може да се размени, така одеше. Колекцијата се зголемуваше од ден на ден.

 

Дали на ниво на држава, на ниво на град имаме некакво здружение на колекционери, како соработувате помеѓу себе?

Такво здружение немаме, моментално во Прилеп има двајца-тројца колекционери, со нив комуницираме и со нив се разменуваме. Ми кажува тој на која аукциска куќа е таа фотографија мене што ме интересира, јас му кажувам него на која аукциска куќа е неговата област што го интересира и така комуницираме.

Тие аукции што ги спомнувате на нив присуствувате физички или се одвиваат онлајн?

Аукциите се одвиваат онлајн, траат неколку дена и на крајот тој што ќе стави најмногу пари тој ја добива аукцијата. И во рок од 7 дена треба да ја исплати за да може да му ја испратат.

Ако не е тајна, колку месечно, колку годишно давате за ова ваше хоби?

Па не е тајна, месечно одделувам околу 500 евра, редовно.

Од каде ги набавувате тие фотографии?

Најмногу ги купувам од соседните земји, од Србија, Бугарија, соработувам со колекционери од Бугарија, имам коректен однос со нив. Скоро сите фотографии на наши познати револуционери се наоѓаат во Бугарија. Овде биле родени, но поради различни ситуации, поради востанија заминувале таму и останувале, починувале и кај нивните семејства останувале фотографиите. И сега тие фотографии се наоѓаат таму.

Практично овие аукции кои ги спомнувате и што се одвиваат онлајн се доказ дека голем дел од нашата историја ја поседуваат нашите соседи. Токму поради тоа можеби си даваат за право и мислат дека ние сме се‘, само не Македонци?

Во кореспонденцијата кога некој комита ја праќал таа фотографија на негов близок роднина, кажува јас го подарувам ликот на тој и тој, сликан како македонски комита или четник. Ако се чувствувал поинаку, ќе напишел поинаку. Значи се чувствувал како македонски четник или комита.

Низ ова ваше хоби вие исто така ја запознавате историјата на Македонија, историјата на македонскиот народ. Еве во констелација со актуелната состојба, актуелните односи што ги имаме во овој момент, што може да се каже од целата оваа архива која ја поседувате, дали народот кој живеел на ова подрачје имал своја свест и знаел дека се Македонци,или сметал дека се нешто сосема друго?

Нормално дека имал своја свест, оваа земја е натопена со нивната крв, тие гинеле за Македонија, за да биде Македонија ослободена и независна. Затоа и поседувам една фотографија, 1911 година, човекот се вика Христо Стефанов, како да знаел дека некој ќе го негира по 100 години, изјавил дека е Македонец.

Тоа е овој?

Да, значи тој бил Македонец. Како да знаел дека некој ќе го негира по 100 и кусурот години. Нормално дека биле свесни и дека имале национална свест.

 

 

Поврзано со националната свест и изјаснувањето на луѓето дека биле Македонци е исто така онаа ваша семејна приказна која ми ја спомнавте пред да го започнеме интервјуто, а тоа е кога вашиот дедо заминува во Америка во 1914 година. На пописна листа во Америка тој се изјаснува дека е Македонец, а вие ги поседувате тие докази?

Па јас поседувам една фотографија веќе неколку години на мојот прадедо Сотир Чупарков, заминат 1914 година во Америка. Тој таму се жени, оформува семејство и повеќе никогаш не се враќа овде и затоа јас решив да го пронајдам. Е сега како го пронајдов? Тој заминал таму како дете мало за да ја избегни Првата Светска војна. Кога пристигнал таму немал карта и Американците имале двоумење дали да го депортираат назад или да го прифатат. Тој бил прифатен, се вработил во пекара, работел како пекар, се оженил со Американка, Ана и имал 3 сина. На пописот таму во 1930 година се декларирал како Македонец и зборувал македонски јазик. Исто така е мобилизиран за време на Втората Светска војна во америчката армија во 1942 година. Тој е роден во Прилеп во 1899 година во оваа куќа.

 

И се декларира како Македонец?

Како Македонец. Јас ги најдов неговите роднини, имал 3 сина, го најдов  мојот роднина од третиот син. Тој буквално беше вчудоневиден, 20 години истражувал од каде потекнува неговото семејство, истражувал на официјалниот сајт на островот Елис Ајланд, ама бидејќи не бил регистриран, како слеп патник не можел да го најде. Јас го најдов, бидејќи немаше никакви документи дека пристигнал, на еден сајт со починати, го најдов на гробиштата во Акрон, Охајо. Ја најдов неговата надгробна плоча, пишуваше Сотир Чупарков, јасно ми беше дека тоа е дедо ми.

Која е најстарата фотографија која ја поседувате?

Најстарата фотографија е оваа, 1866 година, фото студио Карастојанов. Карастојанов е дворски фотограф на царот Фердинанд. На фотографијата се прилепското семејство Лепавцови, кои емигрираат во Бугарија и таму тие отвораат фабрика за тутун, се вика Македонија. Интересно е да се каже и е куриозитет, еден член од ова семејство, Спасе Лепавцов учествува во убиството на бугарскиот премиер Стефан Стамболов во 1895 година. Тој е осуден со смртна казна која е сменета во 5-годишна. Исто така не е познато дека во ова убиство учествува и Мирче Ацев, војводата од Прилеп како пајтонџија. Тогаш бугарскиот премиер имал и телохранител кој бил стар војвода, но ни тој не го спасил. Буквално бил искасапен, рацете му биле исечени и по 3 дена починува. Мирче Ацев е осуден на 3 години затвор во Црната џамија во Софија. Овој податок е непознат на историчарите, не знам дали имаат нешто за ова.

Која година се случило ова?

1895 година во Софија.

 

Една исто така интересна фотографија што можам да ја забележам, а исто така како оваа ретко кој ја знае и ја поседува, е фотографијата со тоа дека во 1942 година Прилеп го посетува јапонскиот амбасадор, од Софија доаѓа специјално тука. Знаеме дека во тој период во тек е Втората Светска војна. Зошто доаѓа јапонски амбасадор во Прилеп?

Јас купив 2 фотографии на кои имаше луѓе што личеа на Јапонци и јапонско знаме имаше. Две години ми требаа да откријам кој е, ја контактирав јапонската амбасада во Скопје и ми рекоа во најкраток можен рок ќе ти одговориме и уште до денес ми немаат одговорено. Контактирав исто со јапонски историчар и тој стварно не знаеше. Ми помогна еден колекционер од Солун, кој ми кажа дека на фотографијата е јапонскиот амбасадор Акиро Јамаџи, кој иди овде и при посета на Прилеп го посетува тутунскиот комбинат кој тогаш се вика Нова Македонија. Исто на оваа фотографија стои и транспарент Нова Македонија. Немам други податоци, зошто дошол или што се случило, бил пречекан овде од градоначалникот Методија Ночев. Интересна фотографија и доста ретка.

Исто така единствената фотографија која што ја има со Владо Черноземски, со убиството, ја поседувате вие. Ја споделуваат многумина, но оригиналот се наоѓа кај вас?

Оригиналот се наоѓа кај мене, ја купив од аукциска куќа од Америка, на неа се гледа моментот кога Владо Черноземски го убива југословенскиот престолонаследник Александар, го ранува Луи Барту, неговиот шофер и генералот Жорж. На фотографијава се гледа како францискиот полковник Пиоре му ја сечи раката со сабјата. Доста интересна фотографија, доста се споделува, но оригиналот е кај мене. Ова е прес фото, оргинална фотографија.

Колку пари ја купивте ако не е тајна?

20 долари, не е тајна. Требаше еден месец да ми стигне од Америка од таа аукциска куќа.

 

 

Навистина интересна и богата архива која што ја поседувате. Која е најскапата фотографија која сте ја купиле на некаква аукција или меѓусебна размена?

Имаше наддавање, имаше доста видови, 150 евра ја платив. Беше сликан комита во Ќустендил во 1903 година.

Зошто баш за тој комита сте дале 150 евра, дали е значајна таа фотографија за нашата историја?

Па сигурно учествувал во Илинденското востание. Пред да дојдат во Македонија се сликале таму, дали во Ќустендил, дали во Софија се сликале во комитска носија како спомен. Ако загини да остане спомен за него за неговата најблиска фамилија.

Заборавивме да спомнеме кога зборувавме за Лепафцови, дека оваа фотографија можеби е најстарата фотографија што постои во Македонија?

Па можеби е најстарата, околу 150 години е стара, стара и ретка.

Освен фотографии поседувате и богата архива на документи, весници поврзани со Организацијата која фунцкионира во тој период?

Имам неколку дописни картички од Англе Узунов. Ангел Узунов е брат на војводата Христо Узунов. Ангел Узунов за време на Првата Светска војна оди во Охрид, ја откопува архивата на неговиот брат која била закопана во дворот и ги носи сите фотографии во Софија. Тие потоа одат во илинденската организација, односно Ванчо Михајлов нешто призема, но ете успеав јас да спасам неколку негови писма, адресирани до неговата сопруга Надежда.

Поседувате како што кажавме можеби најголем број на документи и фотографии поврзани со Македонската револуционерна борба од тој период?

Таа ми е најдрага тема, ВМРО 1893-1934 година, бидејќи се доста ретки и ги нема овде во Македонија, не може да ги купиш, мора да ги купиме од аукција од некаде.

Дали планирате овие фотографии некогаш да ги види и јавноста?

Па еве најново нешто, спремаме со еден мој драг пријател Диме Ратајковски, изложба по повод 120 години од Илинденското востание, 130 години од формирање на ВМРО во Музејот на ВМРО во Скопје.

Кога ќе биде тоа?

На 2 Август, можат сите да дојдат и да видат досега необјавени портрети на комити, војводи и револуционери.

Колку фотографии планирате да изложите таму?

Околу 100, доста ретки фотографии.

Дали дел од тие фотографии можеби би завршиле во државната архива на некаков начин, ако не во хартиена, можеби во електронска форма?

Може во електронска форма, со некој добар скенер. Инаку мојата колекција не ја делам.

Си ја чувате љубоморно?

Си ја чувам љубоморно како очите.

Дали можеби освен во Скопје, ќе се потрудите да направите изложба и во вашиот роден град Прилеп?

Планирам и во Прилеп, да видат прилепчани кое богатство ние го имаме. Поседувам 2 ретки фотографии од Ѓорче Петров, сликан во Св. Врач во 1917 година. Необјавени 2 фотографии.

Бараат ли институциите соработка со вас?

Бараат соработка, ама да им отстапам. Јас не ја отстапувам мојата колекција, скапо е платена, со неколку илјади евра. По цели ноќи сум седел на аукции, па сум одел на работа, па пак на аукции. Не можам да ја делам. Им понудив нешто да им продадам ако сакаат, но не сакаат.

Еве за крај која е вашата цел, дали имате некој документ или фотографија што сакате да ја имате, а не го поседувате?

Па сакам да откријам фотограија на Гоце Делчев. Поседувам и една ретка фотографија, досега непозната во нашата наука, тоа е физичкиот убиец на Тодор Александров, Динчо Вретенаров. Тој е петрички војвода, му пука во грбот во 1924 година на Тодор Александров.

Оваа фотографија ја поседувате само вие?

Јас ја поседувам. Е сега како ја најдов? Истиот овој човек го има на фотографија со четата на Леко Василев, а Леко Василев стои зад убиството на Тодор Александров. Така го препознав. Овде е фотографиран во градот Дупница 1923 година и кажува дека го подарува ликот, фотографиран како македонски комита автономист. Долу пишува Динчо, така го препознав. Ова е доста ретка фотографија, необјавена во нашата наука.

Досега необјавена фотографија?

Досега необјавена фотографија, ликот негов не се знае, на убијците на Тодор Александров ликовите не се знаат. Тоа биле Штерјо Врахов и Динчо Вретенаров. Ова е тој.

Оваа фотографија ќе ја објавите на изложбата?

Да, оваа фотографија ќе биде објавена на изложбата како ексклузивна.

Господине Апостолоски Ви благодарам за приемот во вашиот дом и за сите овие интересни фотографии и ексклузивни кои имавме можност да ги видиме. Ви посакуваме и понатаму да продолжите со ова ваше хоби и навистина да откупите поголем дел од нашата историја која ете како што и сами спомнавте за жал не се наоѓа кај нас, туку кај соседните држави.

Ви благодарам што дојдовте во мојот дом, се надевам дека ќе и бидам интересен на јавноста сп моите фотографии.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи