ВИДЕО – Од 250 до 300 деца на листа на чекање во прилепските градинки, доцни отворањето на градинката во Точила


Години наназад во прилепските градинки на листа на чекање има од 250 до 300 дечиња кои не можат да бидат сместени во оваа институција затоа што нема место. Изградбата на нова градинка во Прилеп после цели 40 години беше предизборно ветување на повеќе градоначалници, но нејзината изградба започна дури во април 2021. Тогаш се ветуваше дека таа треба да биде пуштена за само 7 месеци. Но нејзината изградба доцнеше година и половина и денес објектот не е ставен функција иако е изграден. Според Општината сега на потег било Министерството за труд кое требало да ја опреми градинката.

„Активностите, т.е. анексите за продолжување за доизградба се веќе завршени и како што кажав останува уште внатрешното опремување и тоа е обврска на Министертсвото за труд, мислам дека се завршени тендерските постапки и веќе имаат склучено договори за набавка на потребната опрема“, истакна Влатко Петкоски, портпарол на Општина Прилеп.

Изградбата на градинката е комплетна инвестиција на Општина Прилеп и таа чини 133 милиони денари, кои треба да се платат на неколку рати. Првата рата од 37 милиони денари се исплати лани на изведувачот. А пред неколку денови биле доплатени уште 8 милиони денари.

Од Министерството за труд писмено ни соопштија дека за опремување на градинката биле одделени над 9 милиони денари, испораката на опремата била во тек, а целосното опремување на објектот ќе завршело за 2 месеци.

Од НВО „Мултимедија прес“ направиле анкета во која 80% од граѓаните не знаат до каде е изградбата на градинката, а само 2% знаеле точно што се случува со овој објект. Затоа ги охрабруваат граѓаните да бараат транспарентност и отчетност на политичарите за сите нивни ветувања, а кои не се реализирани.

„Нашата цел едноставна, да ја подигниме јавната свест, да ја разбудиме свеста кај граѓаните повеќе да делуваат преку јавни говорења, јавни обраќања до медиумите, дебати, работилници, преку учество на седниците на Советот на Општина Прилеп бидејќи истите се јавни. Преку користење на барањето за информации од јавен карактер, да она што го ветиле политичарите иили локалната самоуправа да го реализира во одредените рокови кои што ги утврдиле“, додаде Елизабета Филипоска, проектен менаџер на иницијативата „Информирај се, делувај за промени“.

Во моментов во градинките во Прилеп се сместени 1240 деца. А новата градинка има капацитет од 252 деца, доколку се пушти во употреба скоро целосно ќе бидат покриени барањата за сместување на деца во ваквии установи.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи