Наместо храмови за спортот, двете најголеми спортски сали во Прилеп станаа негови гробници. Сала „Македонија“ над 2 децении нема технички прием откако беше реновирана во 2000-та после пожарот кој ја зафати. Исто со години не функционира ниту Универзална сала, која што УЈП му ја одземе на Тутунски комбинат Прилеп. Младите и професионалните спортисти сега вежбаат и играат натпревари во две несоодветни училишни спортски сали. Спортски работници велат ова е срам како се уништува спортот во Прилеп.
„Oвие 2 спортски сали се училишни спортски сали каде што има над 20 школи и не може да се задоволат потребите на градот, има ситуации каде деца од 7, 8 или 9 години треба да им заврши тренингот во 23.30 часот и во вакви услови не може да се бара репрезентативен успех“, вели Рубинчо Седлоски, спортски работник.
Тренерите на клубовите велат дека ова не се услови за развој на професионален спорт и не може да се очекува напредок.
„Ние имаме добри деца, ние имаме амбициозни деца, имаме расадник, имаме желни деца кои сакаат да тренираат и да работат за да постигнуваат успех, но условите за работа ни се многу тешки и не можеме крај со крај да извлечеме. Јас упатувам еден апел до нашите надлежни, дали тука во Прилеп, дали во Скопје да се заангажираат за Прилеп, ние сме отсечени во секоја смислам на спорт во градов“, вели Менде Петлески, тренер во РК Прилеп.
„Еве гледате во вакви услови се работи, работиме во спортска сала каде што пред се е проблем подлогата. Ова не е подлога каде може да работат спортисти редвно и често. Ова е подлога за некој училишен час од 45 минути. Затоа има доста повреди, ова е груба подлога. Ова е тешка импровизација во смисла дека нема доволно термини да му обрниме внимание на сите млади категории да ги оттргнеме од сите тие пороци“, додаде Рубин Лашкоски, тренер во РК Прилеп.
Од Jавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти под чија надлежност е сала „Македонија“ до овој момент не добивме одговор на прашањата испратени по меил. А додека од ЈП АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор, кои стопанисуваат со Универзална сала, ни одговорија дека конструкцијата на салата во еден дел била оштетена и кога ќе се санирало тоа ќе се дозволеле натпревари. Но не е јасно зошто тоа не се прави со години.
„Тоа е никаков проблем пред цела спортска јавност јас си земам за одговорност дека тој проблем можам да го решам со донација од прилепски фирми“, кажа спортскиот работник Рубинчо Седлоски.
Спортските работници сметаат дека како и во се кај нас и тука политиката замешала прсти на штета на спортот.
„Штета и гревота е што политиката е толку длабоко навлезена во спортот и поради таа политика ние не можеме да функционираме. Мој совет, мој предлог е да се сплотиме сите без разлика на тоа кој од која политичка партија е, едноставно да се донесат овие деца во една спортска сала каде што може да има 2-3.000 народ публика, да бидиме гордост на градот. Се додека не се сплотиме сите заедно без разлика на вера, нација или политичка партија ние не можеме ова сето да го направиме, а навистина ние е навистина потребно“, истакна Рубин Лашкоски, тренер во РК Прилеп
Очигледно дека во случајов станува збор за немање на волја да се решат проблемите на спортистите во Прилеп со децении. А без сали нема ниту напредок ниту развој на спортот.