Димитров: Станавме бугарска провинција – измените во Уставот да стапат на сила кога ќе влеземе во ЕУ

Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров ја искритикува власта дека секое утро се буди со извинување кон Бугарија и дека крајно време е Владата да престане да се однесува како да сме бугарска провинција.

„Нас ни треба пред се да избегаме од оваа панична автоцензура, во која ќе треба денот да го започнуваме со извинување кон Софија. Треба да се смириме, да седнеме широко и да видиме како да излеземе од овој чвор. Немаме правна гаранција дека ова воопшто води кон ЕУ. Нашата власт се однесува неодговорно кон својот народ, бидејќи не се потруди да добие некакви гаранции дека ние имаме некаква цел. Европа не ги испорача своите верувања и ние имаме одговорност спрема нашипот народ, дека имаме пакет што ќе има некаква смисла. Ние сега немаме таков пакет“, рече Димитров.

Димитров предлага промената на Уставот и внесувањето на Бугарите во истиот да биде откако Македонија ќе биде и официјално дел од ЕУ.

„Мора да почнеме да се однесуваме како држава, да престанеме еуфорично и со страв да делуваме, да седнеме на широка дебата внатре, власт, опозиција, невладин сектор, академска заедница. Да гласаме за промена на Уставот и внесување на Бугарите, но тоа да стапи на сила на денот на зачленување на Македонија во ЕУ. Така и Софија ќе има мотив да не поддржува на европскиот пат. Ваквата негаторска политика е штетна и за Бугарија. Тие место да не направат пријатели и блиски соседи направија од нас непријатели. Нам ни треба помош од Париз и Берлин, тие да го гарантираат постоењето на македонскиот јазик“, истакна Димитров.

Поранешниот дипломат вели дека и кога бил официјално министер, не молчел за овие проблеми.

„Кога немате аргументи, фрлате лично дрва и камења, но да се вратиме на суштината – од Стразбур во дебата со Захариева сите мои настапи биле на овие принципи – еднаш за 11 Октомври во Прилеп кажав дека ако е цената јазикот и македонскиот идентитет – нема ЕУ, тоа го кажав како член на Влада“, рече Димитров.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи