ВИДЕО – „Мечкарите“ ги спремаат суратите, кожите и ѕвонците – во тек подготовките за Карневалот „Прочка“


Во Прилеп веќе во тек се подготовките за 21 издание на Карневалот „Прочка“ кој што ќе се случи на 26 февруари. Како и секоја година Карневалот се отвора официјално со изложбата на маски во Центарот за култура „Марко Цепенков“ изработени од учениците од сите основните училишта од Општина Прилеп која што ќе се случи во петокот, односно на 24-ти.

На централната манифестација всушност ќе биде и дефилето, во неделата на 26-ти, кое што ќе стартува на булеварот „Гоце Делчев“, а завршува на плоштадот !Методија Андонов – Ченто“, каде што ќе имаме преставување на групните маски со музика и кореографија. Очекуваме повеќе учесници, ќе имаме гости од Кавадарци, Струмица, Охрид, Мокриево и од други места во Македонија. Секако и домашните прилепски учесници и здруженија. Покрај тоа ќе има и жонглерски и други атракции кои се карактеристични како придружен дел на оваа манифестација. Ќе има и традиционален ручек и размена на подароци на сите присутни делегати. Ќе се потрудиме годинава, веќе неколку години го немаме тој предзнак меѓународен, значи иако сме членови на ФЕИТ, ограничениот буџет не ни дозволува да повикаме и гости од страна, за кои сме обврзани ако ги повикаме да обезбедиме и сместување. Меѓутоа неколку делегации можеби ќе бидат присутни, така да ќе го заокружиме сето тоа со една заедничка забава на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“. За најдобрите маски и најдобрите групни маски на дефилето предвидени се и скромни награди, за кои ќе одлучува стручна жири комисија. Исто така да напоменам дека Општина Прилеп, во рамки на Советот има донесено одлука која што е од траен карактер за продолжување на работното време за време на празникот „Прочка“ така да на задоволство на помладите генерации забавата во сите кафиќи, кафетерии и ресторани ќе трае подолго од вообичаеното“, рече Снеже Ристеска, советник за култура во Општина Прилеп.

На карневалот секако ќе настапи и најпозната прилепска маска „Прилепските Мечкари“, кои се заштитен бренд за Прилеп и од каде потекнува практично целата идеја за маскирањето или по прилепски преправањето. Мечкарите се дел од организацијата на самиот Карневал.

Нашата екипа ги посети мечкарите кои деновиве ги проверуваа кожите и суратите, дали нешто треба да се зашие, поправи или да се додаде.  Инаку оваа маска пред се произлегува од касапскиот еснаф кои за овој ден се преправале во кожите од животните кои ги колеле преку целата година и преку разни ритуали и обреди кои ги прават ги бркале лошите духови.

Традицијата „Прилепски мечкари“ по наше сознание е некаде околу 120 години и е заснована на прилепските касапи, која традиција и ден денес ја одржуваме. Порано бил еснафот, но бидејќи сега се намалува тој еснаф, приморани сме други деца да придобиеме за да ја одржиме традицијата.

Колку младите се заинтересирани да ја продолжат оваа традиција?

Има заинтересираност, меѓутоа е тешко. Тешко да се обезбедат деца, не иди секој, тешко е, и да учествуваш на движењето по куќите касапски каде што одиме.

Како започнуваат адетите за „Прочка“?

Адетите за „Прочка“ почнуваат во сабота, одиме по прилепските дуќани, ги каниме за посниот грав кој се одржува во понеделник.

Ги каните сите во прилепската чаршија или само еснафот?

Само еснафот го каниме, меѓутоа кој сака може да дојди, не е проблем. Во сабота ги каниме дуќаните, а во недела рано сабајле стануваме, се облекуваме и се делиме во 2 групи. Едната оди према „Варош“, другата према „Рид“, ја посетуваме секоја куќа, а може и некој друг да не покани ако сака. Во секоја куќа сме пречекани со јадење и пиење. Откако ќе завршиме со тоа се разделуваме и во понеделникот сабајлето правиме посен грав во манастирот „Св. Ѓорѓија“, а воедно со тоа, со посниот грав и да си ги исчистиме гревовите преку цела година што сме колеле, гревовите што сме земале души, сето тоа да се исчисти. На тој грав поканети се и од локалната самоуправа, другите граѓани што сакаат да дојдат, но и целиот еснаф“, кажа Тони Павлоски, Прилепски Мечкари.

Целата маска има приказна која се раскажува преку ритуалното оро на Мечкарите додека дефилираат пред граѓаните, но и секој сегмент од нивата облека има посебна симболика.

Имаме мали ѕвонци и сите се чудат зошто се мали, а не се големи, бидејќи има и релативно големи. Сите тие ѕвонци создаваат посебни звуци кои на некој начин демонот го бркаат. Потоа стаповите се големи, бидејќи тие одат по сите касапски куќи, на времето имало стари куќи и со тоа ваделе царевка, колбаси, сите тие работи, таа симболика ја има за касапите. Додека лисицата е симбол на итрост, на мудрост, волкот е исто така. Во групата не се забележува на почетокот дека има една мала мечка направено, но кога ќе падне старата мечка, тоа се крева, излегува, тоа е симбол дека се раѓа новата година. На времето во овој дел каде што живееме ние христијаните верувале дека пролетта почнува со „Прочка“, но малото мече преставува симбол на нова година, нов живот, нова среќа, додека старата мечка која умира е испраќање на старата година. Пепелта значи симбол кој преставува дека изгорело злото, изгорело се што е во таа смисла дека злото треба да умре, тука во пепелта симболот е тој. Шекерчињата е знак на покана, благо е, секој со бомбона е поканет, претежно ние кога патува тоа им се дава на малите дечиња, да ги поканиме да пробаат да видат што е тоа. Кората е симбол на младост, кората се прави и се доделува пак по трасата, бидејќи е „Прочка“ на тој ден сите си простуваме, одиме помладите кај постарите и на овие простори симболот бил амкање на јајце и кора“, рече Ванчо Ѓорѓиев, претседател на здружение „Прилепски Мечкари“.

Оваа група брои околу 40 до 50 членови, но најважно од се е дека таа има голем број млади членови кои сакаат да ја продолжат традицијата. Велат чувството под маската која некогаш тежи и до 35 килограми не може да се опише со зборови, едноставно човек треба да пропа да се преправи во Мечкар. Мечкаритте велат дека засега единствено општината им го покривало патот до карневалите каде настапуваат, но велат потребна е поголема поддршка за целата оваа организација и зачувување на традицијата.

Какво чувството да се биде под маска и дали секоја година сте дел од прилепските мечкари?

Јас се преправам, ова ми е веќе 16 година, чувството е многу убаво, тој што нема ставено маска не знае како е.

Од што се состои една маска?

Една маска се состои од кожи, штавени кожи, сурат со пулејки, заби од дива свиња, рогови од стока, ѕвонци“, вели Христијан Петрески, Прилепски Мечкари.

 

Оваа маска се состои од 40 души кои се поделени на 2 дела, едниот дел е „Рид“, а другиот е „Варош“. Од младите луѓе има заинтересираност, но сепак како што кажа Тони немаме можности да ги облечиме сите. Сами се финансираме колку што можеме.

Дали приватниот сектор, локалната самоуправа, државата ги поддржува ваквите маски кои се како традиција останати кај нас?

Многу тешко, да речеме и не. Досега имаме многу слаби спонзорства, но тоа е тоа. Сето е со наши средства“, додаде Рубин Ацески, Прилепски Мечкари.

Оваа маска која од страна на Министерството за култура е прогласена за нематеријално културно богатство на Македонија настапува на голем број карневали во и надвор од Македонија. Пред само неколку дена оваа група настапи на Меѓународниот карневал кој се одржа во Перник соседна Бугарија.

Се подготвуваме последниот месец пред „Прочка“, ги спремаме кожите, ако нови или некаде каде што треба да се сменат ги сменуваме за да бидеме подобри, поубави. Кожите ги набавуваме од откупните станици на кожи, сами се снајдуваме, бидејќи сега е намалена и стоката, како ќе се снајдеме така ги носиме на штавување и тие што се добри ги носиме на нас, а не можат сите да бидат добри, има и лоши кожи.

Последните 2 години мислам дека ја обновивте комплетно гардеробата на маската?

Лани заедовме преку 100 кожи, малку да се обновиме, но брзо се кинат, така да ќе треба пак годинава да набавиме. Е сега ако имаме средства ќе набавиме, ако не ќе одиме со истите.

Учествувате на фестивали кои се во Македонија, но и надвор?

Пред 4 дена си дојдовме од Перник, од Бугарија, каде бевме на еден голем европски фестивал, многу добар фестивал, имаше преку 10.000 маски, бевме таму 3 дена и бевме добро пречекани. Планираме да одиме и во Словенија, ќе видиме ако има средства ќе одиме сега на 11-ти.

Како прилепските мечкари се пречекани во странство, како етнолозите гледаат на оваа маска?

Многу убаво, многу добро, секаде сите телевизии не бараат да дадеме изјави, бидејќи се што е на нас е од животинско потекло, а такви маски најмногу се бараат и многу добро сме прифатени надвор од државава“, изјави Гоце Митрески, Прилепски Мечкари.

Во минатото имаше обиди оваа маска да стане дел и од листата на заштита на УНЕСКО како светско културно наследство, но засега овој процес тапка во место, потребна е поголема иницијатива и од државата и од општината.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи