ВИДЕО – И ова лето огромен број прилепчани на работа во Хрватска, угостителите повторно во маки да најдат персонал


Ако минатата година според некои проценки над 7.000 Македонци работеле во угостителските објекти во Хрватска, ова лето се очекува бројката да биде далеку поголема. Проблемот со недостигот на кадар во угостителскиот сектор се очекува да започне од месец април и да трае се до септември или октомври. Прилепските угостители велат дека во моментов во Прилеп недостасуваат над 200 работници од овие профили, како кувари и келнери, а во лето таа бројка ќе биде огромна, затоа што Хрватска ги зголемила и платите во овој сектор. Немаат решение како да го надминат проблемот.

„Многу тешко може да им парираме на хрватските угостители затоа што тие работат сезонски, со европски туристи, со повисоки цени и нормално да даваат повисоки плати или дневници. Не гледам решение дека може да се смени тоа, мора да се преструктуира цело угостителство, еве и со колеги што контактираме од Македонија веќе се преструктуираат во други бизниси“, вели Јорданчо Момироски, претседател на друштовото за угостителство и туризам „Меанџии Прилеп“.

Во Прилеп има околу 80 угостителски објекти кои вработувале над 600 луѓе. Поискусните вработени велат дека и овде имало пари во угостителскиот сектор доколку ги имаш потребните квалификации, но најчесто младите не заминувале само за парите.

„Бегаат во странство, но за искусните има и тука добра заработка, работат таму по 12 иили 14 часа, и кај нас толку да работиш ќе ги земеш тие пари, барем јас така мислам, еве ова го работам 17 години. Некои младиве бегаат сакаат подобар живот, гледаат подобра иднина во европските држави. Самата сиитуација и политичка ии се комплет си го носи своето. Кај младите не е секогаш заминувањето за пари“, рече Драги Петкоски, келнер.

Иако и нашите угостители ги зголемија платите на своите вработени, познавачите на приликите велат дека младите ќе продолжат да заминуваат преку лето да работат во странство се додека немало системски измени во нашиот угостителски сектор кој би им овозможиле подобри услови за работа, но сето сепак зависело и од целокупната слика на квалитетот на живот во државава.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи